Изборната кампања влегува во последната фаза. Остануваат уште седум дена до изборниот молк пред изборите што ќе се одржат на 19 октомври. Изборните активности на партиите продолжуваат и денеска.
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во јужниот дел на државата со митинзи и средби со граѓани во Дојран, Валандово, Богданци и Гевгелија, а нивниот кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски ќе одржи прес-конференција.
Опозициската СДСМ денеска ќе ги посети дел од скопските општини и тетовската општина Брвеница. Караванот на СДСМ ќе биде во Сопиште, Ѓорче Петров и Гази Баба. Изјава за медиумите ќе има и кандидатката за градоначалник на Скопје Каја Шукова.
За денеска, изборни активности во Битола се закажани од страна на политичката партија Левица каде е најавено присуство на лидерот на партијата Димитар Апасиев и кандидатката за градоначалник на Струга, Јована Мојсовска.
Прес-конференција денеска ќе одржат и Движењето Слободни и независни и потпретседателот на ДУИ Арбр Адеми и кандидатот за градоначалник на Липково, Еркан Арифи.
Партиите во текот на вчерашниот ден со ветувања пред граѓаните за вложувања во инфраструктурата, локалниот развој и создавањето услови за младите да останат во својот град. Лидерите на најголемите македонски партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ вчера се осврнаа и на судството ветувајќи реформи и владеење на правото и правдата.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче на митингот во Кавадарци оцени дека во државата има недостиг на правда, обвинувајќи го притоа Мицкоски дека не сака независно судство, туку судство под партиска контрола.
– Мицкоски не сака независно судство. Тој сака свое судство. Не сака обвинители по закон, туку обвинители по список од тефтерчињата во Белата палата. Затоа вечерва го прашувам јавно: Зошто не направи ништо? Зошто не ги реформираше судството и обвинителството? Зошто се плашиш, Мицкоски? Дали затоа што знаеш дека, ако судството стане навистина независно, половина твоја влада ќе мора да одговара пред закон, рече Филипче.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од митингот во општина Илинден рече дека мора да има правда и одговорност и да се направи ресет на системот кој нема да биде само политички, туку и институционален.
– Овој ресет нема да биде само политички. Тој ќе биде морален, институционален и народен. Ќе има правда и таа ќе биде брза. Ќе има одговорност и таа ќе биде вистинска одговорност. Овој ресет ќе биде праведен, но безмилосен кон оние што го злоупотребувале народот. Ќе ја вратиме одговорноста, достоинството и она што ни е важно е да имаме систем на којшто сите ние гордо ќе му служиме, истакна Мицкоски.