Белград: Во Парламентарното собрание на Советот на Европа утре ќе се дискутира за актуелната политичка криза во Србија, а ќе се гласа и за извештајот „Младински движења и демократија“, во кој се споменува и студентскиот протест во Србија.
Дебатата за политичката криза во Србија е вклучена на дневен ред на редовната есенска сесија на ПССЕ, што трае до 3 октомври, како дел од дебатата за актуелни прашања.
Извештајот и резолуцијата „Младински движења за демократија“ од известувачката Евгенија Кравчук од Украина се на дневен ред за попладнето на 1 октомври.
Во нацрт-документот што зборува за младински движења за демократија, се наведуваат најновите примери од земјите-членки на СЕ, меѓу кои од Србија, Украина, Грузија, Турција, Словачка, Франција, Италија, Малта, Велика Британија.
Во делот за Србија, се наведува дека протестите што студентите и младите ги започнаа во Србија во ноември 2024 година, по падот на бетонската настрешница во Нови Сад, набрзо се развија во поширок бунт против корупцијата и авторитаризмот и дека демонстрантите, меѓу кои има многу студенти и млади професионалци, побараа предвремени избори, оставки на министрите и суштински антикорупциски реформи.