НОВА упати покана до лидерите на политички партии да го презентираат својот став за судската пресуда за новинарот Кежаровски.
Единствено не одговорија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерот на ДПА Мендух Тачи.
Редоследот на објавување на ставовите на лидерите е стриктно според временската рамка кога истите се испратени.
Владо Бучковски, основач на Алијанса за позитивна Македонија
Ова е уште една скандалозна одлука на судијата Дијана Груевска Илиевска,со која повторно се додворува на авторитети од власта! Таа го судеше повторениот процес за набавката на тенковските делови и не осуди мени и другите четворица спротивно на препораките на повисокиот апелациски суд!
Жалосно е што неправдата е сеуште посилна од правдата во нашата ни Македонија!
Стевче Јакимовски, ГРОМ
Јас се надевам дека Судот многу сериозно го разгредал и го проучил предметот за кој е осуден новинарот Кежаровски. Во спротивно, правосудниот систем во Република Македонија ќе има сериозни проблеми со својот кредибилитет, особено кај оние кои не опсервираат однадвор.
Лично јас, но и ГРОМ имаме надеж дека Апелациониот суд уште повнимателно ќе го разгледа овој предмет и ќе земе предвид дека примарна одговорност носат државните органи кои дозволиле да излезат овие информации надвор од, со закон утврдениот персонален и институционален круг.
Оттаму нашиот став е дека одговорноста на новинарот е секундарна и во принцип сме против затворање на новинари.
ГРОМ целосно ја почитува слободата на медиумите.
Зоран Заев, лидер на СДСМ
Пред сé како граѓанин на Македонија сум згрозен од дрскоста на Основниот Суд Скопје 1 и изрчената пресуда од четири и пол години затвор за новинарот Томислав Кежаровски.
Македонија е единствената држава во Југоисточна Европа каде на новинар му е изречена затворска казна за објавен текст во медиум.
Дополнително, врв на безобразие и манифестација на моќ е намерата на судот во образложението на пресудата за Кежаровски да им држи лекција на новинарите за степенот на едуцираност и познавање на законските прописи.
Македонија е држава во која се промовира тортура и реваншизам диктирана од извршната, а спроведена од судската власт. Новинарот Кежаровски е жртва на сопствените етички и професионални принципи, кои во секоја нормална држава се сметаат за доблест и квалитет.
Судот со пресудата за Кежаровски му пресуди на новинарството во Република Македонија.
Од позиција на сила и моќ, со злоуопотреба на постоечките закони, спротивно на Уставот, ја официјализира цензурата.
Семејството Кежаровски е уште една жртва на безумието на оваа власт, која гази по човечките судбини. Власт која нема чувство и толеранција за основните човекови права и слободи. Власт која, со неверојатна леснотија, немилосрдно им суди и пресудува на сите што не подлегнуваат на притисоци, закани и уцени.
Нелојалните и непослушните мораат да бидат осудени. Да не се охрабрат и други да го следат нивниот пример.
Македонија под власта на ВМРО ДПМНЕ неповратно тоне во сивата зона на едноумие и тоталитаризам. Единствено поразот на оваа разулавена политичка структура е шанса за спас на државата и елиминирање на злото. Цел што пред себе треба да си ја постави секој здраворазумен граѓанин на оваа земја.
Тито Петковски, лидер на НСДП
Пресудата за Кежаровски е само уште една потврда за големата потчинетост на судската власт, на извршната од една страна и доказ дека во отсуство на релевантни факти судот секогаш посегнува по институтот заштитен сведок.
Овде нема право и правда, туку бескруполозна пресметка со сите што не мислат како власта.
Ивон Величковски, лидер на Либерална партија
Скандалозна, срамна и недопустиво за 21 век- затворска казна за новинар и за земја-кандидат за ЕУ.
Ако владата сака да се врати назад, да ја поправи штетата, потребно е веднаш да се донесе одлука за аболиција на Кежаровски и веднаш да се повлече Законот за медиуми.
Павле Трајанов, лидер на ДС
Бидејќи одлуката е донесена, судот сега треба да донесе да биде ослободен со сите потребни гаранции. Натамошната постапка треба да се води откако ќе биде ослободен.
Казната е енормно висока и се уште оваа одлука не е правосилна.
Мислам дека Апелациониот суд ќе ги земе во предвид сите аргументи и докази, како и ќе ја земе во предвид праксата од Хашкиот трибунал, праксата од Европскиот суд од Стразбур, како и од другите европски држави.
Андреј Жерновски, лидер на ЛДП
Сериозно сум загрижен поради изрекувањето на пресудата од 4,5 години затвор за новинарот Томислав Кежаровски.
Со низата од пресуди, во последниве неколку години, станува јасно дека правeдното, непристрасното и независното судење не се одлики на македонскиот правосуден систем.
Прашувам дали со оваа несфатливо висока и неправедна пресуда власта, преку судовите, испраќа јасна порака дека секој што ќе изрази било каков сомнеж во непогрешливоста на институциите на системот, и уште повеќе, се осмели да истражува, а резултатите да ги презентира пред јавноста ќе биде замолчан со драконски казни или на друг начин?
Само за споредба во Хашкиот трибунал, каде што се судат случаи за воени злосторства, пред неколку години имаше процеси во кои им се судеше на новинари за откривање на листи од заштитени сведоци.
Нивните пресуди беа: парични казни, а најригорозните, изнесуваа најмногу тримесечна затворска казна. Нашиот новинар Томислав Кежаровски, кој веќе помина 5 месеци во притвор, за жал, вчера беше осуден на 4,5 години робија.
Дали не претставува врв на лицемерието да се повикуваме на Хашкиот трибунал и меѓународната пракса, а од друга страна македонскиот правосуден систем да изрекува драконска казна од 4,5 години затвор за исто дело ? Конечно, дали со ваквата пресуда македонското судство кое треба да биде столб на демократијата се претвора во политички монструм од кој треба да се плашат граѓаните?
Оттука, повикувам да се исправи грешката и неправдата која му е нанесена на новинарот Кежаровски, да се престане со монтирани и конструирани политички процеси со кои им нанесува непроценлива штета на осудените и на нивните семејства.
Ваквото функционирање на судовите негативно се рефлектира на целокупниот систем и ќе има далекусежни последици за демократските процеси во земјата.