Неофицијално, полицијата е дојдена по налог и во придружба на Основното јавно обвинителство, дознава НОВА.
Утрово полицијата направила упад во просториите на МИТ универзитетот во сите три објекти во градот, потврдија за НОВА вработени на овој универзитет. Инспектори од МВР, од Управата за јавни приходи и од Министерството за образование, во придружба на наоружани полицајци ја проверуваат целокупната документација на универзитетот.
НОВА дознава дека вработените уште од утринава ги држат во канцеларијата за студентски прашања каде ги проверуваат досиеајата на универзитетот.
Дел од вработените велат дека се исплашени од ненајавениот упад на полицијата.
Сопственичката на Универзитетот МИТ, Билјана Апостолова не е достапна за коментар. Според сознанија на НОВА, на неа и на ректорот на МИТ им се одземени мобилните телефони и засега нема информации каде се наоѓаат тие.
Полицијата ги информирала вработените дека имаат налог од јавното обвинителство за да влезат на универзитетот.
Од извори во Министерството за внатрешни работи, НОВА дознава дека истражители од МВР и наоружани полицајци како асистенција, се влезени во универзитетот по налог на ОЈО. Од МВР засега нема официјална потврда за случајот.
Дел од вработените се сомневаат дека се работи за одмазда бидејќи токму од овој универзитет неодамна беа избркани од работа, еднодневниот министер, а сега заменик министер на МВР, Оливер Андонов и Тони Науновски од ГДОМ.
МИТ универзитетот долго време не можеше да добие акредитација за одредени факултети. Сопственичката Апостолова, која често во јавноста упатуваше критики кон власта, во интервју за НОВА изјави дека се сомнева дека се работи за опструкции од власта против универзитетот.