Иако бројката на дијаспората нема да влезе во бројот на жители на Македонија, пописот на иселениците засилено се политизира, особено од страна на политичари и дипломати Албанци и се претставува како важна статистичка операција од која зависат уставните права на нивната етничка заедница. Организациите и друштва на Македонците во дијаспората во последните денови позасилено се вклучија во повикувањето на иселениците да учествуваат во пописот. Обединетата македонска дијаспора ги повикува и Македонците во Македонија да не го бојкотираат пописот.
До денеска податоци за себе дале близу 80 илјади државјани на Македонија кои над една година претстојуваат во странство или таму трајно живеат. Државниот завод за статистика ја објави бројката од 77.122 лица кои валидно ја пополниле апликацијата за електронско попишување која се однесува за дијаспората. Процесот на попишување продолжува до 21 април.
Во Заводот велат дека динамиката е засилена последниве денови и дека не е малку на дневна основа своите податоци да ги испратат по 4 илјади лица, како и дека има доволно време до 21 април сите да се попишат. Најголем одзив има во неколку европски земји, пред сѐ во Швајцарија и Германија, а помал во САД и особено во Канада и Авсгралија, но состојбите и таму се подобруваат.
Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора во разговор за МКД.мк вели дека од самиот почеток организацијата им укажала на иселениците дека е од голема важност пописот.
„Можам да забележам дека особено последниве денови е позасилена активноста меѓу иселениците со повици на македонски и на англиски јазик. Се работи и преку социјалните мрежи. Сепак, треба да се има предвид дека дијаспората во минатото не се попишуваше и дека е голема неинформираноста. Доста беше застапено и мислењето дека треба да се бојкотира затоа што власта го смени името на државата, затоа што се преговара со Бугарија или затоа што македонската држава ангажираше бугарска компанија за изработка на софтверот за електронскиот попис покрај бројни ит-техничари по што е позната Македонија. Но што да се прави, реалноста е таа, а важно е да се знае колку Македонци живеат надвор од државата, затоа треба што помасовно да се попишат нашинците”, вели Колоски.
Линк до текстот тука