Рускиот претедател Владимир Путин доби драматично предупредување за наводен „британски заговор за атентат“ што го очекува доколку отпатува во Унгарија на средба со Доналд Трамп.
Предупредувањето дојде од Андреј Безруков, полковник на Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) и поранешен таен агент кој со години работел во САД, пишува Express.co.uk.
Безруков упати директен апел до рускиот претседател: „Не одете во Будимпешта“, повикувајќи го очекуваната средба со Трамп во градот на Дунав итно да ја премести во Дубаи за да се избегне, како што тврди, „апсолутно предавничка операција“ што ја подготвуваат Британците.
-Имам многу, многу сериозни загрижености во врска со Будимпешта, рече Безруков, чиј таен идентитет беше откриен во 2010 година кога ФБИ ја приведе руската шпионка Ана Чепмен. И двајцата беа дел од голема размена на шпиони истата година, што вклучуваше размена на десет руски агенти за четири лица кои отслужуваа казна во Русија за шпионажа за Западот.
Според Безруков, „целиот менталитет“ на Британците „е структуриран на таков начин што ако Путин не постои, тогаш нема проблем… прво, Русија ќе се распадне“, тврди тој во гостување на руската државна телевизија.
Безруков во моментов е професор на Московскиот државен институт за меѓународни односи (МГИМО) и советник на државниот нафтен гигант Роснефт.
Патувањето во Будимпешта би било првото патување на Путин во земја од Европската Унија од почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година. Унгарија ја увери Москва дека нема да постапи по потерницата издадена од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за Путин. Потерницата се однесува на наводната нелегална депортација на украински деца во Русија, што се смета за воено злосторство.

