Американскиот претседател Барак Обама соопшти дека неговиот портпарол Џеј Карни ја напушта позицијата и дека на неа ќе биде заменет од Џош Ернест, досегашниот заменик на Карни.
Обама изјави дека ќе му недостасуваат Карни и неговите совети, а Ернест го нарече отворен и чесен човек и „сјајно момче“, кое беше дел од неговата екипа уште кога првпат се кандидира за претседател.
49-годишниот Карни изјави дека досегашната должност ја напушта поради лични причини. Карни, пред да дојде во тимот на Обама, две години работеше како директор за комуникации кај сегашниот потпретседател Џо Бајден, а претходно беше новинар, речиси три години беше шеф на вашингтонското биро на магазинот „Тајм“.
Ерик Шинсеки
Кратко пред да ја објави оставката на Карни, Обама го соопшти заминувањето и на неговиот министер за воени ветерани, Ерик Шинсеки. Причината за тоа е скандалот во врска со смртта на бројни ветерани, кои, според обвинувањата, добиле предоцна медицински третман. Обама соопшти дека министерот поднесол оставка, која тој со големо жалење ја прифатил. Шинсеки, и самиот виетнамски ветеран, беше првиот американски граѓанин со азиско потекло кој стигна до шеф на штабот на армијата, а на министерската позиција беше од 2009. година.