Министерството за финансии денеска го објави јавниот повик за еднократен отпис на долгови на најранливите категории, а од понеделник граѓаните ќе можат да ги доставуваат барањата во Центрите за социјална работа во местата во кои живеат или во оние најблиску до местото на живеење.
Со ова практично започна реализацијата на проектот за еднократно отпишување на долговите на најранливите категории на граѓани. Со неговата реализација Владата значително ќе им помоогне на најранливите категории на граѓани кои поради влошените финансиски услови и последиците од долготрајната европска и светска криза не можеле да ги платат обврските навреме. На ваков начин се реализира едно од најзначајните ветувања и најзначајните проекти во програмата на Владата за периодот 2014/2018 година кон граѓаните односно кон најранливите категории, истакна на денешната прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Барањата за отпис на долговите граѓаните ќе ги поднесуваат во центрите за социјална работа во местото на живеење во рок од 30 дена од објавување на повикот од страна на Министерството за финансии, а за прифаќање на барањето ќе одлучува посебна комисија.