НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Последната “понуда која не може да се одбие” на Груевски

0
By Нова ТВ on February 27, 2017 КОЛУМНА, ПОЛИТИКА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Груевски го задава последниот удар на емоциите на граѓаните кои гласале за него нудејќи се сам себеси во улога на маченик, кој храбро ќе ги трпи ударите на СЈО и на Судот кој нема да биде веќе негов, нудејќи се да биде уапсен, тепан, малтретиран, затворен, казнет, окован на крст и што уште не, само под еден услов: СДСМ да се откаже од удирање по темелите на државата и да не ја редефинирала истата! Кој добар Македонец не би ја прифатил таа “искрена” понуда па дури и да знае дека доаѓа од еден мафијаш?

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа

Неодамна го слушнав интервјуто на Груевски во вестите на Сител, откако претходно го прочитав неговиот идентичен пост на неговата Facebook–страница. Човекот од ден на ден станува сé поочаен, неверојатна работа! Па уште си го имаше земено Facebook-статусот печатен на хартија пред себе, да се потсетува, да не заборави некој збор, а новинарката доследно му ги поставуваше однапред испратените и добро научени прашања. Јасно е, на Груевски му се активирале сите аларми и сирените ечат: “Внимание, кризна состојба, ова е да се биде или не, после ова, потоп!”

Прва работа што ми падна на памет после таквата глетка беше една секвенција на прекрасниот филм “Кум” во кој Марлон Брандо го игра легендарниот мафијаш Дон Корлеоне. Што прави Дон Корлеоне кога е во тесно, или е во ваква очајна кризна состојба во каква што е сега Груевски? Тој ги изговара неговите светско познати зборови “I’ll give them an offer they can’t refuse” што во превод значи “Ќе им дадам понуда која не можат да ја одбијат”. Далеку е Груевски од шармот на Марлон Брандо, да се разбереме, меѓутоа, неговaта насмевка ме потсети на сјајот на очите на мафијашот кој знае дека го нашол тоа што му треба, тоа на што ниеден човек не може да одолее, а камоли верен патриот на кој одеднаш му се ризикува својата татковина, својот јазик и својот идентитет.

“Кога државата е нападната, само народот може да ја одбрани.” Вака почнува понудата на Груевски со која тој смета дека ќе ги обедини сите Македонци на негова страна, со идејата дека ќе ја бранат татковината, а всушност, тие ќе го бранат лично него и врхушката на партијата која тој ја води од одговорност за тежок криминал. Животот е мил, а зачувувањето на приходите од криминал и слободата од гонење, уште помили. Затоа, Груевски не избира средства за да ја постигне неговата главна цел, тој ја разгрева страста кај граѓаните, со цел да поттикне кај нив потреба да излезат од удобноста на својот дом и лавовски да се борат против можноста тој да одговара за тежок криминал. Какво само големо предавство би било тој да биде изнесен пред независен суд за нешто повеќе од нарачените шамари за Жерновски! Ете, тоа би била крајна провокација за суштествениот патриотизам на граѓаните на оваа држава на кои тој им се обраќа со следниве зборови: “Сите оние кои планираат да седат дома во влечки и да гледаат телевизија верувајќи дека друг ќе им ја заврши работата за заштита на нивната држава, се во заблуда.” Така, чесните граѓани треба сега тврдокорно да се борат за слободата на нивниот Дон.

Понатаму, во својот долг пост, мафијашот кој сакаше да стане диктатор, но на кој ова не му успеа заради некои “клети шиптари” на кои човек никако не може да им верува за ништо, дури ни за важни и тешко договорени принципи од типот “победник со победник без разлика кој е мафијаш а кој е фашист”, опширно ја елаборира својата понуда кон македонскиот народ. Тој тврди дека основната причина за целата операција за рушење на власта и носење на Зоран Заев на власт е слабеење на државата со цел промена на името и идентитетот на Македонците. Тоа била главната и основна причина заради која е започната операцијата за рушење на ВМРО од некои надворешни центри, додека пак овој процес можел да донесе не дај Боже и до губење на државата! А пак двојазичноста, од која моментално многумина во Македонија се плашат, според Груевски е всушност само секундарната цел! По двојазичноста ќе започнале подготовки и за кантонизација како следна цел. И така, чекор по чекор, нашата убава држава целосно ќе се разнебитувала пред овој монструозен државен непријател-мутант состоен од моќни надворешни центри на моќ, Сорос, еден амбасадор (!), Зоран Заев и секако “клетите шиптари”. Бог да не чува од таквите непријатели! Затоа овие “Тврдокорните” облечени во црно спасот го гледаат кај црковните молитви кои нив треба да ги чуваат од тој мрачен мутант-ѓавол. Тие во својот марш дури извикуваа својствена парола против секундарната цел на овие мрачни сили која гласаше: “Нема три, нема два, еден јазик сакам јас”. Освен неподобниот обид да заличат на Ку Клукс Кланот и да протестираат против употребата на мајчиниот јазик на своите сограѓани, што во 2017 година само по себе делува патетично, тие заборавиле или пак не сакаат да се сеќаваат дека пред само неколку недели, Груевски веќе го имаше прифатено барањето за нов закон за употреба на албанскиот јазик како и речиси целата платформа, се разбира, без делот за реформите на Прибе и СЈО. Што не излегоа “Тврдокорниве” тогаш да си го бранат јазикот, туку тоа сега го прават? Или пак и тие ги сменија правилата, како Иванов, среде игра, па тоа што до вчера се претставуваше како државен интерес сега одлучија да го наречат велепредавство?!

Него да се вратам на постот и интервјуто на Груевски, кој со тешко срце им посочува на граѓаните дека “Нашата држава солидно функционираше и одеше напред се додека не беше нападната од надворешни моќни центри.” Ова преведено во секојдневниот јазик #Реално значи: “Што убаво ми беше, како убаво функционираше сé кога купував Мерцедес од 600.000 евра додека деца умираа заради недостиг на средства да се оперираат надвор од земјата! Што убаво си купував плацеви на Водно и скапи очила за сонце додека учениците учат по училишта каде покривот секој ден се заканува да им се урне над глава! Што убаво си перев пари градејќи го Скопје 2014 додека јавниот долг главоболно растеше! Што убаво функционираше МВРО-ВМРО како и сите други државни институции кои работеа исклучиво само за мене! А сега сето тоа се заканува да се сруши, судот да не биде повеќе мој суд туку да биде вистински суд, како што веќе има едно вистинско јавно обвинителство. Бог да ме чува, особено од таа страшната што запнала но-пасаран па но-пасаран!”

Според Груевски, ова страотна иднина на Република Македонија во која таа би функционирала нормално, како и секоја модерна правна држава, мора да се спречи. Ако народот остане рамнодушен и дозволи тие што извршиле криминал за истиот да одговараат, тогаш погоре споменатите “мрачни сили” во облик на претставници на гласовите на 600.000 граѓани ќе ја превземат државата, комплетно ќе ја редефинираат правејќи од нејзе вистинска правна држава и ќе управуваат со истата. За да ова не се случи, Груевски излезот ја гледа во тоа што најдобро го правеше до денес, да владее преку раздор. Тој вика вака: “Преку праќање на мнозинството Македонци во опозиција, сега е моментот кога се тргнува во финалната фаза на овој поход.” Ова значи дека за Груевски не е важно што 600.000 граѓани гласале против него, бидејќи од таа бројка, само мал број се “вистински” граѓани, додека пак другите се “лажни” граѓани кои освен оваа држава си имаат и свои резервни држави, резервни јазици, резервни знамиња и химни. “Вистинските” граѓани за Груевски се само тие 450.000 гласачи на ВМРО-ДПМНЕ кои некако го сочинуваат мнозинството во оваа држава! Сега или јас имам некој проблем со математиката, или пак навистина 600.000 гласачи се повеќе од 450.000. А за тоа кои се вистински и кои лажни, мислам дека Груевски изгубил легитимитет да елаборира.

Во еден момент, Груевски очајно говори за својата осаменост. И потполно го разбирам неговиот, овој пат, депресивен очај. Сигурна сум дека првиот знак на осаменост го почувствувал откако го прочитал извештајот на Рајнхард Прибе и дознал дека неговите пофални зборови за правосудството не поминуваат така лесно пред вистинските европски експерти. Потоа, уште поосамен се почувствувал кога Извештајот на Европската комисија ја нарече “киднапирана” државата која тој долго време ја водеше. Сигурно најосамен се чувствувал кога наместо побараните 63 пратеници, едвај, со триста маки и со помош на ДИК и Управниот суд, некако стигна до 51 пратеник. Очајно осамен се чувствувал и деновиве, кога Евро-комесарот Хан од една страна и НАТО од друга страна му посочија дека е добро што е формирано парламентарно мнозинство и се обезбедени потписите за добивање на мандатот од СДСМ и дека тој треба да се помири со фактот што власта е менлива категорија и дека тоа е нормална работа во една демократска земја. Најнеиздржливо осамен се чувствувал кога ДУИ, барем јавно, го откачи, иако потајно, уште има искри надеж во нивната долгогодишна љубовна врска. Осамен човек е Груевски, потполно го разбирам неговиот очај.

И затоа, тој му се враќа на неговиот “народ” составен од тие 450.000 “вистински” граѓани и им се обраќа со неговата “понуда” која тие не можат да ја одбијат. Си игра со нивните чувства, бесрамно манипулира со нивните емоции плашејќи ги со закон за јазици кој тој самиот два пати го прифатил: еднаш во далечната 2008 година кога првпат токму тој придонесе да се усвои овој закон, на таинствен начин, без многу врева и никаква претходна дебата или појаснување, а вторпат кога прифати негова проширена верзија во рамките на преговорите за формирање на влада кои се одвиваа во Јануари 2017 година. Тој самиот знае дека нема ништо драматично да се случи со новиот Закон за јазици бидејќи истиот не прави ништо ново освен што до крај го исцрпува Амандманот 5 на Уставот на РМ кој посочува дека Албанскиот јазик е службен јазик во оваа земја уште од далечната 2001 година. Како што змијата вешто ги крие нозете, тој суптилно ја крие реалноста дека прифатил сé од тој закон, со сé двојазични униформи на полицијата, со сé казнени одредби на законот, со сé употреба на јазикот во судските постапки, итн; бесрамно нарекувајќи го својот политички опонент за предавник затоа што прифатил токму тоа што и тој прифатил, со едно мало но значајно дополнување, продолжувањето на мандатот на СЈО и целосната поддршка на нејзината работа. Го плаши народот со кантонизација и федерализација која никогаш нема да се случи во едно општество кое ќе биде инклузивно наместо изолирано и гетоизирано какво што беше во неговото време. Ако Македонија преживеа баз de iure да се федерализира и кантонизира, иако во de facto беше токму таква во изминативе 10 години, тоа секако дека нема да се случи во една нова иднина во која гласот на секој граѓанин ќе вреди исто и нема да има “вистински” и “лажни” граѓани. Не разбирате ли, драги 450.000 сограѓани, дека Груевски всушност се плаши од нашето обединување како граѓани на оваа земја и затоа континуирано повикува на продолжување со досегашниот раздор, нетрпеливост, нетолеранција и омраза? Единствено тоа е погодно тло во кое што билката на неговото владеење постојано цвети црпејќи сила од нашите заеднички пари и нашето заедничко достоинство? Не ја разбирате ли неговата суптилна игра со вашите емоции кога ве плаши со губење на вашиот национален идентитет, небаре тој е паричка која ќе се изгуби и никому нема да му се падне на следниот Бадник? Какво играње е тоа со интелигенцијата на човекот, каква е таа дрска манипулација со националните чувства на еден народ?!

И на крај, Груевски го задава последниот удар на емоциите на граѓаните кои гласале за него нудејќи се сам себеси во улога на маченик, кој храбро ќе ги трпи ударите на СЈО и на Судот кој нема да биде веќе негов, нудејќи се да биде уапсен, тепан, малтретиран, затворен, казнет, окован на крст и што уште не, само под еден услов: СДСМ да се откаже од удирање по темелите на државата и да не ја редефинирала истата! Кој добар Македонец не би ја прифатил таа “искрена” понуда па дури и да знае дека доаѓа од еден мафијаш? Сепак, може да се сомнева помалку, бидејќи во сржта на неговата душа знае дека еден мафијаш никогаш не дава понуда пред да се увери дека од истата тој самиот најмногу ќе придобие.

Сфаќате каде е загатката на таа понуда? Тој е подготвен доброволно да оди во притвор само под услов начинот на кој се водела оваа држава да остане ист: Македонија од автократија да не биде редефинирана во демократија, од една проста причина: ако Македонија остане автократија, тој ќе има секогаш можност да се врати како спасител на истата, бидејќи никој досега не се покажал како посилен автократ од него. Пред неговото величество, Зоран Заев едноставно нема шанси да стане поуспешен автократ. Меѓутоа, ако Македонија се редефинира во вистинска демократија која повеќе нема да биде киднапирана држава, тогаш митот на Груевски, како мафијашот кој сакаше да стане диктатор, ќе згасне еднаш засекогаш и тој нема да може повторно да се врати на неговата поранешна позиција од која сега е спремен привремено да се откаже. Каква страотна иднина за него, каков крај!

Тоа што навистина ќе се случи кога ќе добиеме вистинска а не киднапирана држава, демократија а не автократија, владеење на правото а не на политичката моќ е што овој човек, заедно со неговите соучесници, ќе одговараат за криминалот кој се слуша во бомбите. Во таа одговорност предлагам да се вклучат и две нови кривични дела против државата кои произлегуваат од неговиот последен пост и неговото последно интервју: Повикување на насилна промена на уставниот поредок од член 318 на КЗРМ (бидејќи спречувањето на демократското менување на власта преку легитимитет добиен на избори и преку коалицирање меѓу политичките партии кои обезбедиле парламентарно мнозинство претставува уривање на уставниот поредок на оваа земја) како и Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 на КЗРМ (бидејќи свесното алудирање дека легитимитетот добиен од гласачи Македонци е повреден и побитен од легитимитетот добиен од гласачи Албанци претставува исполнување токму на законското битие на оваа дело).

Ќе има правда, ќе има мир! Што би рекол Груевски, “Да не испадне не сум кажал и не сум предупредил.”

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Данска ќе дозволи користење вештачката интелигенција на матурските испити

August 22, 2025

Британски научници создадоа сензор од дијамант за откривање метастази

August 22, 2025

Во Албанија откриена прва статуа на Исус Христос во стилот на бразилската скулптура

August 21, 2025

Анкета на Ројтерс/Ипсос: Повеќето Американци веруваат дека сите членки на ОН треба да ја признаат Палестина

August 21, 2025

Малолетници фрлиле камења врз автобус со српски туристи во близина на Солун, повредени три лица

August 21, 2025
ФОКУС

Нетанјаху: Израел ќе ја освои Газа без разлика дали Хамас ќе ги ослободи заложниците

ВЕСТИ August 21, 2025

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе продолжи со плановите за воена акција и…

Пентагон: Сценарија за Украина ќе бидат презентирани на европските советници за национална безбедност

August 21, 2025

Армијата го слави 33-от роденден со свеченост во касарната во Штип

August 18, 2025

Најмалку 21 лице загина чекајќи хуманитарна помош во Газа

August 17, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.