Група млади бунтовници во 1971-та година решиле да провалат во ФБИ и да украдат илјадници документи. Она што го откриле ја променило Америка засекогаш.
Грабеж како врвен патриотски акт. На прв поглед звучи контроверзно и неморално, но токму тоа го направиле едни од најпознатите „свиркачи“ во историјата на Америка. Група млади и бунтовни граѓански активисти во 1971-ва година решиле да провалат во ФБИ и да го разоткријат вистинското лице на оваа безбедносна агенција. Во тоа време атмосферата во САД била слична на онаа во Македонија во последниве неколку години. Страв, параноја од прислушување и следење на секој кој бил критички настроен и негово етикетирање како „комунист“ кој ја загрозува националната безбедност. Џ. Едгар Хувер, директорот на ФБИ бил Capo di tutti capi, познат по своите методи кои го надминувале законот, но сите политичари се плашеле да се конфронтираат со него.
Се смениле осум американски претседатели, а Хувер бил константа и ја водел ФБИ со децении. Тој е фален поради тоа што ја изградил ФБИ во најголема анти-криминална агенција со многу модернизации во полициската технологија, како правењето на бази за отпечатоци и форензички лаборатории. Сепак, според американскиот претседател Хари Труман, Хувер ја трансформирал ФБИ во своја приватна тајна полиција. „Не сакаме Гестапо или тајна полиција. ФБИ се движи во таа насока. Тие дознаваат и уценуваат со секс скандали. Сите конгресмени и сенатори се плашат од Хувер“, изјавил тој. Во јавноста често се зборела и тајната приватна архива на Хувер, во која тој чувал документи и податоци за приватните животи на американските претседатели и други познати политичари и нивните фамилии, од која се плашел целиот политички врв. Ричард Никсон бил снимен во една прилика како изјавува дека не го отпуштил Хувер бидејќи се плашел од одмазда.
Во 1970-тите во САД биле активни повеќе граѓански движења како она на Мартин Лутер Кинг за правата на Афроамериканците, движења против војната во Виетнам, феминистички движења за правата на жените, како и движења против полициската држава на Хувер. Сите тие биле на мета на агенција.
Комунисти и предавници
Атмосферата кон критички настроените граѓани била непријателска и во голема мера биле етикетирани како комунисти. Јавна тајна било дека ФБИ се заканува и прави нелегално следење, но никој не можел истото да го докаже.
Ова се Џон и Бони Рајнс, едни од најголемите „свиркачи“ во историјата на Америка. Тие во една ваква атмосфера, во 1971-ва година со уште неколку луѓе провалиле во една од канцелариите на ФБИ каде украле илјадници документи кои подоцна ги предале на новинарката на Вашингтон пост, Бети Медсгер. Документите открија дека ФБИ шпионирале илјадници американски граѓани. Неверојатно, но нивниот идентитет останал тајна повеќе од 43 години.
Џон и Бони Рајнс имале три мали деца кога се вклучиле во опасниот активистички чин. Со групата со месеци планирале како да провалат во ФБИ и на крајот се одлучиле да влезат во една од помалите канцеларии во квартот Медиа, Филаделфија. За идеална вечер ја избрале ноќта кога се играл легендарниот боксерски меч, помеѓу Мохамед Али и Џо Фрејзер бидејќи сметале дека чуварите сигурно ќе гледаат бокс.
И навистина, успеале и без да гледаат што крадат, изнеле илјадници документи кои потоа неизбежно водат кон промени во американското општество.
Никогаш не биле фатени за она што го направиле и јавно кажаа кои се пред неколку години, откако застарија кривичните дела и веќе не можат да ги гонат. Благодарение на нивната храброст и грабежот кој го извршиле, Америка дозна дека илјадници критички настроени граѓани и активисти биле следени, уценувани и шпионирани. ФБИ ги советувале агентите да се однесуваат на начин на кој ќе шират параноја и секој ќе мисли дека има агент зад својот грб.
Еден од документите покажува дека ФБИ му се заканувала на Мартинг Лутер Кинг дека ќе ги објават сите негови приватни афери ако не изврши самоубиство пред да ја прифати Нобеловата награда за мир.
Во Вашингтон ги сретнав на историска дебата помеѓу нив и сега најпознатиот американски „свиркач“ Едвард Сноуден. Тој ги украде документите на НСА од внатре преку електронско симнување, тие морале на „олд скул“ начин, со месеци да подготвуваат план и да провалат физички пребарувајќи кутии со документи. И во двата случаи, направиле кривично дело, но заради поголемо добро – јавниот интерес. За да им ја откријат вистината на граѓаните и какви злоупотреби прават оние што ја водат државата и институциите. На дебатата Џон Рајнс на шега рече: Потребни се околу 40 години за еден предавник да стане херој.
„Ти благодарам за големиот патриотски чин што го направи за Америка. Она со кое ти се соочуваш, со истото се соочувавме и ние во 1970-тите. Вториот претседател на Америка, Џон Адамс рекол: „Оние кои ќе ја жртвуваат слободата, за да добијат безбедност, не ги заслужуваат ниту двете“. Јас мислам дека ние треба да имаме големи дискусии во оваа земја за тоа што треба, а што не треба да правиме во името на националната безбедност“, му рече Џон Рајнс на Сноуден.
Два медиуми одбиле да ги објават документите
Свиркачите им ги испратиле документите од ФБИ на три медиуми – Њујорк Тајмс, Лос Анџелес Тајмс и Вашингтон пост. Но два од нив решиле да не ги објават, од страв дека објавувањето украдени документи е на линија на нелегалност. Вашингтон пост донел спротивна одлука.
„Прво моравме да ја потврдиме автентичноста на документите, што излезе дека е лесниот дел, затоа што Министерството за правда едвај чекаше да потврди дека се автентични за да ги забрани и никогаш да не бидат објавени. Документите отидоа кај двајца конгресмени, Џорџ МкГоверн и Парен Мичел и двајцата држеа прес конференции дека ова е криминално и тие немаат ништо со тоа, како и дека ќе им ги вратат документите на ФБИ. Иако не сакаше да се објават, Мичел рече дека ги прочитал документите и тие откриваат нелегални активности на ФБИ и треба да има истрага“, раскажува новинарката Бети Медсгер.
Њујорк Тајмс и Лос Анџелес Тајмс го направиле истото како и двајцата конгресмени – веднаш им ги предале документите на ФБИ.
Но во Вашингтон пост имало борба. „Во тоа време ниеден медиум се немаше справено со ваква ситуација. Што правиш кога ќе ти дадат украдени документи? Тој ден за само неколку часа моравме да решиме како ќе постапиме. Јавниот обвинител постојано ни се јавуваше велејќи им никако да не ги објавуваат документите. Врвот на Вашингтон Пост, Кетрин Греам и уредникот Бен Бредли имаа многу тежок период. Ако оваа борба не се случеше, одлуките кои потоа се носеа за Вотергејт ќе беа многу потешки. Уредниците застанаа на цврст став дека фактот што ова ќе открие нешто за работата на најмоќната владина агенција е најважно. До 10 вечерта донесоа одлука дека ќе објават и сторијата одеше следното утро“, додава таа.
Оваа ситуација од американската историја многу потсетува на дилеми со кои се соочуваат и македонските новинари денес. Законот за приватноста кој се донесе неодамна целосно забрани објавување на аудио материјали кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, извршени од 2008-ма до 2015-та година. Во име на заштитата на личниот и семеен живот, овој закон го забранува објавувањето на било каков прислушкуван материјал во иднина. Но што ако одредени прислушкувани материјали откриваат тешки криминали?Што ако некој свиркач реши да предаде прислушкувани материјал на новинар? Дали јавноста има право да ја чуе вистината?
Дали јавниот интерес има предност пред приватниот живот? Дали новинарот има етичка и професионална обврска да ги објави овие материјали? Дали потоа ќе биде кривично гонет? Венецијанската комисија препорача итни промени на законите за свиркачи и приватност, токму поради тоа што јавниот интерес има приоритет пред приватниот и јавноста треба да слушне разговори во кои се кријат криминали. Читајте ги одговорите на овие прашања во вториот дел од анализата за македонските свиркачи.






