Претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја води комисијата за помирување која се очекува да се формира по иницијатива на осумтемина пратеници од опозицијата кои гласаа „за„ уставните амандамни, а за која подршка даде и премиерот Заев. Во оваа Kомисија ќе членуваат координаторите на пратеничките групи и претставници на 8 пратеници.
На координацијата кај спикерот Џафери, денеска не присуствувале пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за да се изјаснат дали ќе подржат формирање на ваква Kомисија, но на прес конференција портпаролот на партијата Наум Стоилковски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во ова тело и повтори дека партијата ќе поднесе закон за амнестија.
„Со најави за некакви комисии или форуми во Собранието за наводна правда, власта не прави ништо друго освен обид за замајување на јавноста и обид за селективна правда што во суштина е неправда. ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во комисии кои треба да обезбедат селективна слобода само за оние кои учествуваа во гласањето за потреба за уставни измени произлезени од договорот со Грција.
Затоа ќе поднесеме Предлог закон за амнестија за сите инволвирани во случувањата за 27-ми април и власта доколку е за вистинско помирување и правда за сите, истиот предлог ќе го прифати. Текстот на овој предлог закон ВМРО-ДПМНЕ ќе го поднесе на разгледување до сите парламентарни партии“ кажа Наум Стоилковски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
На предлогот од ВМРО ДПМНЕ за амнестија реплицираше премиерот Заев кој кажа дека „не смее да се урниса правната држава“.
„Со барањето за амнестија, не смееме да ја урнисаме правната држава. Европската унија го следи процесот на владеењето на првото во земјава. Правните реформи се најзначајните реформи и сè што правиме треба да биде на внимателен начин, така како што е дозволено, за да го предизвикаме и потврдиме националното помирување, а да не ја потопиме правната држава. Помирувањето не значи мешање во правосудството во Македонија. Чекорите, методот, начинот на национално обединување треба да ги пронајдеме“ , одговори Заев на прашањето дали го прифаќа барањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за амнестија за 27 април.
Правните експерти кои ги консултираше НОВА ТВ велат дека треба да се прави разлика меѓу правните поими помилување и амнестија од една страна и помирувањето како социолошки концепт.
„Јас предлогот го сфаќам повеќе како социолошки концепт , особено што се прави со комисија во Собранието и како еден процес на помирување и надминување на сите тие поделености во општеството кои се јасно изрaзени. Од правен аспект помилувањето и амнестијата се други работи и за нив важат други правила, за кои не мислам дека се добредојдени во овој момент и не се во нaсока на напорите на Македонија да стане правна држава. Мислам дека тоа беше јасно посочено и во декларaцијата на Палмер кој рече дека треба да има процес на помирување , но владеењето на правото да не се попречи.
Мислам дека токму тоа е целта. Никој не е против процес на помирување и на македонски јазик таа разлика се прави: помирување и помилување, но на други јазици може да има и конфузија во однос на термините што се употребуваат . Треба напорно да се работи на тој процес на помирување кој има социолошки аспект и може да придонесе за општото добро“ кажа Беса Арифи вонреден професор на Универизтетот Југоисточна Европа за НОВА ТВ.
И други правни експерти кои не сакаа да зборуваат јавно за НОВА ТВ коментираа дека го прифаќаат процесот на помирување, но само ако тоа значи спроведување на правото. И преквалификација на делото ќе биде протолкувано како влијание на извршната врз судската власт велат тие.
Предлогот да се формира вакво тело произлезе по јавниот повик на премиерот Заев за помирување што го испрати од собраниската говорница за време на дебатата за отворање на Уставот, а беше прифатен од 8 пратеници кои гласаа „ за„.
Меѓу условите што тие ги наведоа пишуваше и „Прифаќање на иницијативата на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев искажана на 61-та седница на Собранието на Република Македонија на 15 октомври 2018 год., за простување во врска со настаните на 27 април 2017 год. во Собранието на Република Македонија и сеопфатно национално помирување, со формирање на собраниско тело составено од шефовите на пратеничките групи, тројца пратеници и Претседателот на Собранието на Република Македонија кои ќе изготват и предложат до Собранието план за национално помирување“. По ваквиот настап на 8 пратеници, следуваше и проглас од обвинетите за 27 април во кој беше дадена подршка и на помирувањето.
Премиерот Заев на прес конференцијата веднаш по изгласувањето на владиниот предлог за пристапување на уставни измени потврди дека го прифатил предлогот да се формира работно тело и дека разговарал со пратениците кои се обвинети и со кои си подал рака за помирување.
Претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, денеска се изјасни дека е против амнестија за лицата вклучени во нападот на Собранието на 27 април, како што предложил претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски.
„Амнестии во државата не дека немало, ама мислам дека е многу грешно, и со амнестија даваме многу лоша порака. Тоа би му дало право на секој граѓанин на секоја одлука да влегува тука во Собранието, и да ни се случуваат повторно тие настани од 27 април. Јас не го прифаќам тоа“, рече Села.
Шест амнестии за 27 години независност
Амнестијата според дефиниција значи ослободување од казнено гонење, или интервенција во веќе изречена казна. Доколку биде донесен ваков закон против некои лица не се поведува казнена постапка, а во ситуациите кога таа е поведена истата се запира во моментот на влегување во сила на
законот. Вториот облик на амнестирање всушност значи корегирање на овие казни преку разни модалитети, како што се потполното или делумното ослободување од извршување на казната, или заменување на изречената казна со поблага, бришењето на осудата, како и предвремениот престанок на правните последици од осудата. Надлежен орган за давање и донесување на акт на амнестија во Република Македонија е Собранието.
Од осамостојувањето на државата па се до денес амнестијата е применета шест пати. Првиот Закон за амнестија е донесен во 1991 година со кој се врши амнестирање на 907 лица, од кои некои имале статус на затвореници, додека пак дел од нив биле осудени со правосилни пресуди, но истите не започнале со издржување на ефективните затворски казни. Следниот Закон за амнестија се донесува во текот на 1999
година за ослободување од казна за многу помала категорија на лица, за сторителите на кривични дела со кои била предзвикана верска, национална и расна омраза. Третиот Закон за амнестија се донесува
во 2001 година по Охридскиот рамковен договор, за ослободување од гонење, запирање на судските постапки и ослободување на затворениците кои се поврзани со војната од 2001 година. Во 2003 година и со ревизијата од 2004 година, беше донесен четвртиот Закон за амнестија, кој ги опфати граѓаните кои ја одбегнувале воената обврска неодговарањето на поканата за служење во армијата и самоволно оддалечување од вооружените сили. Во 2011 беше изгласана амнестија за Хашките случаи, а на почетокот на годинава беше изгласана амнестија на затвореници на кои им се намали казната затвор за одредени кривични дела.
Помилувањето е исто така ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршување на казната на одредено лице и помилување дава Претседателот на државата. Масовното помилување на актуелниот шеф на државата со кое беа опфатени осомничени лица во истрагите на СЈО, заврши со масовни протести, по што Иванов беше присилен да го повлече.
Во случајот со обвинетите за 27 април дискутабилен е самиот обвинителен акт – терористичко загрозување на уставниот поредок е дело за кое правните експерти се поделени дали воопшто може да има помилување. Дел од нив инститираат да се прави разлика меѓу тероризам и делото терористичко загрозување на уставниот поредок за кое одговораат 33 обвинети за настаните од 27 април.