Во пресрет на 1-ви мај – меѓународниот ден на трудот, случај кој вклучува наводи за психичко малтретирање во Шпаркасе банка повторно ја отвора темата за заштитата на работничките права и одговорноста на работодавачите. Според достапните информации, вработена пријавила дека била изложена на мобинг од претпоставен директор во период кога минувала низ процес на инвитро.
Државниот трудов инспекторат изрече опомена за банката поради непочитување на Законот за заштита од вознемирување на работно место, односно поради непостапување согласно член 28, кој го обврзува работодавачот да обезбеди заштита од психичко малтретирање.
Во решението, до кое дојде „Инбокс7“, се наведува дека на 28 јули 2025 година вработена во Шпаркасе поднела писмено барање за заштита од психичко вознемирување. Таа навела дека од 8 октомври 2024 година трпи континуирано вознемирување од претпоставен директор. По извршениот увид на 26 август 2025 година, државната инспекторка за труд, Соња Ѓорѓиева, ја задолжила банката во рок од пет дена да постапи по наодите, вклучително и да ја премести вознемируваната вработена.
И покрај сериозноста на случајот, од банката не е соопштено дали се преземени конкретни мерки за санкционирање на вознемирувачот и евентуална одговорност во секторот за човечки ресурси.
Во писмен одговор доставен до „Инбокс7“ на 17 октомври 2025 година, Шпаркасе банка навела дека постапува во согласност со законските прописи и највисоките професионални стандарди.
„Шпаркасе Банка АД Скопје постапува исклучиво во согласност со законските прописи и со највисоки стандарди на професионално и етичко однесување. Во сите процеси поврзани со работните односи, Банката ги почитува законите, внатрешните политики и процедурите, обезбедувајќи транспарентен, еднаков и фер пристап кон сите вработени“, се наведува во одговорот.
Од банката додаваат дека ги применуваат сите предвидени правни механизми за заштита на достоинството на вработените и дека остануваат посветени на создавање безбедна и поддржувачка работна средина.
Сепак, одговорот не содржи конкретни информации дали во овој случај се преземени дисциплински мерки согласно член 29 од Законот за заштита од вознемирување на работа.
Редакцијата на Скопје Инфо дополнително упати прашања до банката во врска со евентуална внатрешна истрага, санкции и механизмите за заштита од мобинг, како и за поплаките од граѓаните за функционирањето на експозитурите и квалитетот на услугите. И по 20 дена, одговор на овие прашања не е добиен.
Недостигот на конкретни информации и транспарентност, во комбинација со изречената опомена од надлежна институција, отвора дилеми за тоа колку компанијата навистина ги штити своите вработени. Во време кога се одбележува Денот на трудот, ваквите случаи се потсетник дека заштитата на работничките права мора да биде суштинска обврска, а не само декларативна заложба.
Извор: Скопје инфо.мк




