Претседателката на законодавно – правната Комисија во Собранието Соња Мираковска за НОВА ТВ вели дека барањето за автентично толкување на Законот за СЈО се уште не е доставено. Тоа треба да стигне до Претседателот на Собранието, кое може да побара и мислење од Владата, а потоа да се закаже и комисиска расправа. Целата оваа процедура може да биде пролонгирана и два до три месеци.
Што ќе се случува со предметите на СЈО кои се покренати по истекот на 18 месеци од добивањето на прислушуваните разговори – временски рок за кои Врховниот суд донесе мислење дека е краен законски термин во кој СЈО може да покренува истраги и обвиненија.
Врховната судијка Вера Коцо смета дека постапките за кои СЈО има покренато истраги по јули 2017 година ќе ја чекаат одлуката на Собранието кое треба да даде автентично толкување.
Во врска со мислењето на Врховниот суд, колегиумот на судии при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, донесе заклучок да се обрати до Јавниот обвинител Љубомир Јовевски, со барање Јавниот обвинител да се произнесе кое обвинителство може во иднина да постапува како овластен тужител во предметите поднесени од СЈО. Исто така, Судот бара од Државниот јавен обвинител да иницира автентично толкување на член 22 од Законот за СЈО од Собранието, бидејќи само законодавецот може да даде автентично толкување на Законите. Од исклучителна важност за судот е правилна и доследна примена на Законот за кривична постапка кој е од примарно значење во водењето на постапките, соопшти Судот.
Од таму додаваат дека се додека не се произнесе Државниот јавен обвинител дали предметите ќе останат во надлежност на СЈО или ќе бидат преземени од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција , Основниот суд Скопје 1 – Скопје во сите предмети ќе постапува согласно одредбите од ЗКП, а за предметите на СЈО добиени по истекот на рокот за кој мислење даде Врховниот суд, кои се итни и неодложни ќе одлучуваат надлежните кривични совети, се со цел да не дојде до непотребно одолговлекување- пишува во соопштението од Кривичниот суд.
Судијката Маргарита Цаца Николовска очекува дека одлуката дали ќе постапуваат по предметите на СЈО ќе треба да ја донесат судиите.
„СЈО не е мртво – нема да може никој да се ослободи од кривична одговорност на овој начин. Има правен систем и тој мора да најде решение и предметите кои се во кривичната област да се процесуираат“ речe Николовска.
Таа се согласува дека Собранието е надлежниот орган кој треба да даде автентично толкување за одреден Закон, а не Врховниот суд.
„Очигледно, дури сега одредени лица собрале храброст и сила тоа да го направат – 18 месеци ваква пасивност од сите страни е недозволива.
„Ако некој мисли дека со ова начелно мислење на Врховниот суд одредени лица ќе бидат ослободени од кривична одговорност, тоа ќе биде катастрофа за Македонија“, рече судијката Маргарита Цаца Николовска.
Николовска и Коцо се согласуваат дека Врховниот суд немал надлежност да дава мислење по барање на адвокатите и да се впушти во толкување на Закон, што е работа на Собранието или на Уставниот суд. Врховниот има надлежност да одлучува само ако има спор меѓу различни судови.
„Не е првпат Врховниот суд да се залетува со вакви правни мислења и во изминатиот период знаеше да донесе мислење кое не соодветствува со правната слика во нашето општество“, рече судијката Вера Коцо, но додава дека сепак е „мислење донесено од највисокиот суд и ќе има влијание врз пониските судови во смисла на прејудицирано решавање“.
„Ниту еден судија нема да дозволи да размислува поинаку од она што е дадено во мислењето, иако имаме и судии со интегритет“ додаде таа.
„Сепак судиите во прв и втор степен ќе имаат право да мислат со своја глава и да одлучат дали ќе го почитуваат мислењето“ изјави Вангеловски.
Ова значи дека СЈО може да продолжи да ги застапува овие предмети, но тие би паднале кога ќе дојдат пред Врховниот суд.