Државниот завод за статистика соопшти за прекини во апликацијата за попис на населението. И во време на технички проблеми попишани се речиси 10.000 граѓани.
На вториот ден од пописот се појавија проблеми при статистичката операција, соопштија од Државниот завод за статистика. Апликацијата за попишување на граѓаните во неколку наврати не функционирала. Иако попишувачите биле излезени на терен, сепак не успеале да ги попишат оние граѓани кои ги посетиле.
– Техничките тимови интензивно работеа на отстранување на проблемот и за кратко процесот продолжи непречено. Би сакале да потенцираме дека проблемот што се појави не се должи на интернет конекцијата со која се овозможува попишување, туку ова се можни и нормални проблеми кои се резултат на поголем број паралелни сесии. Колку за илустрација, во тие 2-3 часа додека траеја техничките проблеми, беа попишани речиси 10 илјади лица на целата територија на државата, се наведува во соопштението на Државниот завод за статистика.