Три лица се повредени во престрелка во Тетово и поради сериозноста на повредите пренесени на комплексот клиники „Мајка Тереза” во Скопје.
Двајца имале прострелни рани во абдоменот, а едниот поради тешките повреди на главата се наоѓа во кома центарот на Клиниката за неврохиругија.
Од Ургентиот центар за МИА изјавија дека двајцата со повреди на абдоменот се оперирани и се во стабилна состојба. Се наоѓаат на Одделот за интензивно лекување.
Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски за МИА изјави дека пукотниците биле пријавени во МВР во 2 часот и 20 минути по полноќ. На улицата „29 ноември“ во Тетово каде што се случила престрелката, бил пронајден пиштол марка „зброевка“, рамка со осум куршуми и пет чаури. Пронајдено е и патничко возило „мерцедес“ со тетовски таблички.