Сите претседатели на земјите од регионот потврдија дека ќе дојдат во Загреб на 30 јуни на прослава на влезот на Хрватска во ЕУ, дознаваат хрватските медиуми од кабинетот на Претседателот.
Покани се испратени до членовите на претседателството на БиХ, претседателите на Словенија, Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија, како и на претседателката на Косово.
Освен на прослава на хрватскиот влез во ЕУ на 30 јуни, Небојша Радмановиќ, Бакир Изетбеговиќ и Жељко Комшиќ, како и Борут Пахор, Томислав Николиќ, Филип Вујадиновиќ, Ѓорѓи Иванов, Бујар Нишани и Атифете Јахјага ќе присуствуваат на доручек кај претседателот Иво Јосиповиќ на први јули на кој ќе се расправа за продолжување на соработката во регионот и промоцијата на политиката на проширување по влезот на Хрватска во ЕУ.
Оваа средба на претседеателите од регионот доаѓа по две недели откако беше откажан Самитот на претседатели на државите од Југоисточна Европа како и Форумот на Дијалогот меѓу цивилизациите кои требаше да се одржат во Охрид и Струга, но кои беа откажани откако Хрватска и Словенија одбија да учествуваат заради непоканувањето на Косово.