На стартот на кампањата за претседателските избори закажани за 24-ти април годинава, седумтемина кандидати се појавија пред граѓаните во неколку градови и тоа на митинзи, средби и медиумски настапи. Стево Пендаровски на митинг во Прилеп, Гордана Силјановска исто така на митинг во Скопје, Стевчо Јакимовски на средби со граѓани во Тетово, Бујар Османи на скопско Водно, Билјана Ванковска во Струмица, Арбен Таравари на ТВ и Максим Димитриевски на крушевски Мечкин Камен.
Нова пренесува дел од пораките на кандидатите искажани на нивните настани на почеток на предизборната кампања.
Стево Пендаровски:
- Ова е единствен исправен пат ако сакаме пристојна и, би рекол, здодевна европска демократија.
- Мојата опција е европски просперитет, а не враќање во балканската кал.
- Заради нашата подобра иднина, очекувам масовно гласање уште на 24-ти зашто тој резултат ќе ни каже кој ќе биде победникот и на 8-ми мај.
- Првиот мој мандатми беше во прилично тешки години со пандемија и не наклоност во меѓународен контекст но, и покрај сите околности, земјава стана членка на НАТО.
- Се погодија луѓе што успеаја тоа да го направат. Тоа се луѓе од структурата во која сум и јас. Го зацементиравме македонискиот јазик и идентитет.
- Ќе бидеме и членка на ЕУ и може да бидеме како Словенија но ни треба слога и, ако не се глодаме меѓу себе, ќе имаме стандард, високи плати и мала невработеност, а тоа ќе ги спречи младите да се иселуваат зашто и овде ќе имаат достоинствен живот.
- Ако во догледно време Македонија не стане членка на ЕУ, во голем процент не ќе можеме да го спречиме иселувањето.
- Опцијата за која се застапувам и за која живеам не може да не врати повторно во балканската кал, туку во просперитетна европска средина. Затоа заокружете број 1 зашто Македонија не смее да се враќа назад, туку мора да оди само напред.
- Ова нема да бидат историски избори бидејќи нема дилема. Се` е јасно. Има бела и црна понуда но има и опасност од главната опозициска партија која нуди враќање назад. Ним не им чини ниту еден договор, ама им чини да земаат плати со „Северна“. И не им пречи „Северна“ за да дојдат на власт.
- Во новиот мандат, како во петте години од првиот, зад мене ќе нема црнна дамка затоа што немам афера во која сум бил инволвиран и така ќе биде и до крајот на вториот мандат.
Гордана Силјановска Давкова:
- Во ЕУ само ако станеме нормална држава со почитување и практикување на вредностите.
- Не се оди во Европа со реторика ЕУ, НАТО, НАТО ЕУ. Не, туку со почитување на вредностите и со практикување на вредностите. Само ако станеме нормална, стандардна држава, ќе бидеме во рамките на ЕУ.
- Како претседател ќе се вратам кај граѓаните преку народните канцеларии кои сега ги снема. Ќе ја почитувам владата и ќе соработува со неа. Некогаш ќе ја советувам, некогаш ќе ја критикувам, ќе бидам своја глава.
- Надвор нема да заминам без да изградам консензус за најважните државни и национални прашања.
- Ќе го почитувам Собранието како законодавен орган. Но ако забележам врз основа на анализа дека отстапува од Уставот и законите, ќе побарам да се обратам, да предупредам. Ако и тоа не врви ќе употребам вето. Нема да дозволам надвор да ни парадираат дипломати кои ја уриваат гордоста на Македонија.
- Двајцата членови во Судскиот совет ќе бидат најдобрите правници.
- Ќе го одберам, ако имам таков избор, или ќе го именувам, најпочитуваниот во вооружените сили за врховен комндант. Зошто оние под него и војниците треба да веруваат во водачот.
- Се разбира, ние сме веќе членка на НАТО и стандардите треба да се почитуваат.
Стевчо Јакимовски:
- Мојот слоган е „Храбро за Македонија“ и ми е чест што претседателската трка ја започнувам во Тетово. Огромната поддршка е доказ дека на граѓаните им е преку глава од црно-белиот свет на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, тетовчани бараат промени.
- Имав шанса да поразговарам за проблемите со кои се соочуваат храбрите тетовчани. Нашата коалиција „Храбро за Македонија“ има визија, имаме решенија и ќе донесеме суштински промени.
- Како претседател на Република Македонија нема да ги делам граѓаните по етничка и верска припадност и ќе бидам претседател на сите. Секој граѓанин во мене ќе има свој заштитник.
- Порачачувам дека нема повлекување се` додека не се промени црно-белиот свет на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
- Денеска тргнуваме „Храбро за Македонија“, нема назад и нема повлекување.
Бујар Османи:
- Дојдено времето за првиот европски претседател.
- Денеска почнува едно многу важно патување, на народниот референдум, за иднината на нашата држава.
- Бидејќи со вашата поддршка имав привилегија и ми беше дадена можност да служам во најважните интегративни процеси во државата, ценам дека имам искуство, имам знаење, имам кредибилитет и контакти во центрите на одлучување, но имам и заложба да го заокружам сонот на секое семејство, сонот на секој граѓанин на нашата држава за светла иднина во Европската Унија.
- Државата е на крстопат, на кој едниот пат води кон светла, просперитетна, европска иднина, додека другиот пат води кон изолација, нејасност и недостиг на перспектива и дека токму поради оваа причина овие избори не се обични избори.
- Овде, на оваа прес-конференција, доаѓам директно од Брисел. Имав прилика ова голема мисија да ја лансирам токму од седиштето на НАТО во Брисел и тоа на посебен ден. Денеска е четврти ден од четвртиот месец во 2024 година, денот на основањето на НАТО и 4-годишнината од членството на нашата земја во најмоќната политичко-воена организација во светот. И фактот што ја започнувам оваа мисија под бројот 4 за мене е исто така симболично дека сме на вистинскиот пат.
- Од денеска, под слоганот: „Европски претседател“ и со изборната програма наречена Декалогот на европскиот претседател, под број 4, ќе одам на четирите страни на државата за да ги слуша потребите на граѓаните, нивните очекувања, но и да ги откријат плановите за посветла иднина во Европската Унија.
Билјана Ванковска:
- Ќе бидам претседател на сите граѓани, на сите сиромашни, обесправени, дискриминирани.
- Себе си се дефинирам како можен претседател на сите граѓани бидејќи така пишува во Уставот и би била претседател на сите сиромашни, сите обесправени, сите дискриминирани, а такви има и меѓу Албанците и меѓу Ромите и меѓу Србите, и меѓу Власите и меѓу сите.
- Ние сите по таа класна основа сме обесправени без оглед што јас доаѓам од привилигиран слој на академска фела. Но овој систем е неправеден и кога некој ќе ме праша што е среќа, дајте дефиниција на среќа, велам дека во американскиот Устав има формула која гласи: да трагаш по својата среќа. Но, како да бидам среќна ако моите сограѓани се несреќни?
- Битката не е само моја, туку е на сите и сакам да ја изодам како народен трибун и да бидам негов глас, на народот.
- Ајде на 24-ти април масовно да излеземе на гласање.
Арбен Таравари:
- Ние имаме џентлменски договор, ВРЕДИ и ДУИ не влегуваат во Влада која нема да прави уставни промени.
- Руското влијание во земјава доаѓа преку соседна Србија.
- Наша голема среќа е што сме дел од НАТО, имаме соработка за одбрана со САД, автоматски членот пет од Договорот на НАТО, ако се нападне држава на НАТО се напаѓа цело НАТО, така дшто имаме одредена одбрана.
- Русија ќе се обиде да влијае во Македонија, но реално руското влијание во Македонија доаѓа преку Србија.
- Србија е главниот амбасадор на Русија во Балканот, за жал, често велам, влијанието на Србија расте со Отворен Балкан и со многу проекти кои ги реализираше, на пример, растот на трговијата со Русија, тоа е парадоксално.
- Ние треба да бидеме по рестриктивни и будни за преку Србија да не дојде руското влијание.
Максим Димитриевски:
- Мојот слоган е „Максимум за Македонија“, а имам пет начела и пет принципи во програмата „Манифест за Македонија“.
- Моите пет начела се: единствени во надворешната политика, глас на разумот и обединувањето, поцврсти во одбраната и безбедноста, силни институции за заштита на граѓанинот и државата и вклученост и одговорност.
- Ќе ја зајакнам улогата на претседателот во надворешните односи, ќе поттикнувам и одржувам редовен, конструктивен и аргументиран дијалог со политичките субјекти.
- Како врховен командант, ќе работам на зајакнување на капацитетите на македонската армија, ќе ги вложам сите напори за да се валоризира нашето членство во НАТО.
- Во првите сто дена ќе инсистирам на формирање специјален правен тим за имплементација на пресудите на Европскиот суд за човекови кој ќе ги адресира неправедните одлуки на властите во Република Бугарија кон македонските организации.
- Во првите двесте дена ќе предложам уставни измени за внесување на Хрватите, Црногорците и Бугарите во преамбулата, со одложена правна важност, кои ќе стапат на сила кога Република Северна Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија.