Новинарот Томислав Кежаровски ќе остане уште 30 дена во притвор во истражниот затвор во Шутка и ова е четврти пат Судот да му го продолжи притворот на Кежаровски.
Ова е одлуката која ја донел Кривичниот суд Скопје 1 со образложение дека притворот на му се продолжува поради опасноста Кежаровски да избега и оттука нема да присуствува на судските рочишта во случајот „Ликвидација“, потврди за НОВА, сопругата на Кежаровски, Марина Кежаровска.
Адвокатот на новинарот, Филип Медарски и изјавил на сопругата на Кежаровска дека нема официјална потврда на информацијата и дека тој како бранител на Кежаровски не добил никакво решение.
Ниту Кривичниот суд на својата веб-страницата нема објавено дека Судот донел вакво решение.
– Вчера ми се јавија неофицијално и ми кажаа дека се продолжува притворот на мојот сопруг. Ова е терор што се случува со мојот сопруг. Човекот од стресови заработи здравствени проблеми и две години одеше на терапии, изјави за НОВА, Кежаровска.
Таа додава дека како гаранција можат да го земат пасошот на нејзиниот сопруг, што би било гаранција дека би се оневозможило со тоа негово бегство, но досега, никој не го побарал.
Според обвинителниот акт, Кежаровски е обвинет за откривање на идентитетот на заштитениот сведок за платеното убиство во Ореше во новинарски текст од пред пет години.
Останатите обвинети, адвокати, судии, обвинител и бизнисмени се товарат и за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, противзаконско посредување, недозволено држење оружје.
Досега, реагираа голем број меѓународни и домашни медиумски, но и невладини организации и институции, како и Европската унија.
Делегацијата на Европската унија на 25 јуни испрати соопштение до иницијативниот одбор на укинување на мерката притвор на новинарот Томислав Кежаровски.
-Делегацијата на Европската унија одблиску го следи судскиот случај поврзан со притворањето на новинарот Томислав Кежаровски и одлуката на судот за повторно продолжување на притворот на новинарот за нови 30 дена, велат од Делегацијата/
-Сакаме да истакнеме дека легислативата на земјата налага мерката притвор да биде сведена на најкраткото нужно време и сите институции надлежни за спроведување на законот да дејствуваат итно да за да се забрзаат случаите во кои обвинетите се во притвор пред судењето. Европската делегација е загрижена за неодамнешните случувања, вклучувајќи ја и одлуката на новинарот Кежаровски да започне штрајк со глад, се вели во дописот.
Претходно, евроамбасадорот Авио Орав имаше средба со претставници од Иницијативниот одбор каде се разговараше за притворот на новинарот.