Откако утрово, страницата vakcinacija.mk, која треба да служи за регистрација на заинтересираните за примање вакцина, не функционираше, сега работи, но со виртуелна чекалница.
– Во моментот имаме зголемен сообраќај и користиме виртуелна чекална за да гарантираме добро корисничко искуство – стои на страницата.
На страницата се мери вашето време на чекање и сугерира да не го затворате прозорецот.
Откако ќе почекате минута-две, се отвора апликацијата за внесување податоци каде се бара внесување име, презиме, матичен број, број на телефон, потврда за код, како и вакцинален пункт каде би се вакцинирале, по градови.
-Секој сам ќе може да се пријави, а системот ќе биде тој кој ќе генерира кои се приоритетни, информираше вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Освен по електронски пат со регистрација на интернет-страницата за вакцинација, пријавувањето за вакцини ќе се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.