На одбележувањето на датумот на раѓање на големата македонска музичка легенда Тоше Проески, денеска беа промовирани книгата „Ова не е крај“ од новинарката Соња Алексоска-Неделковска и видео-записот за песната „Жал ми е“, снимен во 2006 година. Песната е од албумот „По тебе“ од 2005 година.
Издавач на книгата е Фондацијата „Тоше Проески“. Проектот е поддржан од Министерството за култура.
На 280 страници, во книгата се опфатени сегменти од животот на Тоше, негови фотографии од настапи и од приватни албуми. На дружењето со Тоше се сеќаваат повеќе од 80 соговорници.
Сеќавања за Тоше споделуваат членовите на најблиското семејство, сестрата Дора, зетот Славен Ристески, внукот Кристијан. Интересни случки од детството откриваат и неговите другари.
По повод неговиот роденден бројни обожаватели и почитувачи на неговоото дело го посетија денеска неговото вечно почивалиште на Гумење во Крушево.