Во Обреновац досега се пронајдени 13 загинати потврди денеска премиерот на Србија Александар Вучиќ, кој изрази надеж дека бројот на жртви „нема да биде катаклизмичен“, наспроти размерите на катастрофата.
Премиерот посочи дека обдукцијата на телата ќе покаже дали и колку од починатите се удавени, а колку починале од други причини.
– Во Обреновац се пронајдени 13 жртви, единствено можам да кажам дека ми е срам од луѓе кои се занимаваат со измислици и и посакуваат лошо на својата држава, рече Вучиќ.
Министерот за внатрешни работи на Србија Небојша Стефановиќ нареди итна и целосна евакуација на луѓето од Обреновац поради нов поплавен бран, што надоаѓа од правец на Забрежје.
Во соопштението на МВР на Србија се додава дека се очекува пораст на нивото на реката Сава.
Во Обреновац, град на 30 километри јужно од Белград, до моментот се евакуирани повеќе од 7.000 луѓе.