Актуелниот претседател на Украина, Олександар Турчинов побара обнова на анти-терористичките мерки низ земјата, откако откриени се две измачувани тела близу градот Славјанск.
Една од жртвите е Владимир Рибак, соопшти Турчинов. Рибак кој неодамна исчезна, беше дел од локалниот парламент и член на политичката партија на претседателот.
– Терористите кои практично го заземаа целиот Доњецк ја преминаа црвената линија со тоа што измачувале и убивале патриоти, заклучува Турчинов. Според него, ваквите акции се спроведени со поддршка на руските сили.
Но еден од про-руските лидери во Славјанск ги отфрли таквите обвинувања.
Вјачеслав Пономарјов, градоначалникот на Славјанск, вината за смртта на двајцата Украинци ја префрли на крајно-десничарските украински екстремисти.
Во ситуација кога тензијата во Украина не покажува знаци на смирување, американскиот потпретседател Џо Бајден јавно изрази поддршка за Украина, тврдејќи дека САД не го признава анексирањето на Крим.
– Украина е, и мора да остане една земја. Ниедна земја нема право туку така да грабне друга нација. Никогаш нема да го признаеме нелегалното поседништво на Русија врз Крим, изјави Бајден на прес-конференција со украинскиот премиер Арсениј Јацењук.
Доколку не се смират тензиите на источниот дел на Украина, Вашингтон би можел да воведе нови додатни санкции за Русија, потенцираше американскиот државен секретар Џон Кери.
Во меѓувреме, Украина продолжува со „анти-терористичка акција“, а самопрогласените власти во Доњецк бараат привремен Уставен договор за независност.