Ла Паз: Боливискиот претседател Луис Арсе го разреши шефот на боливиските вооружени сили, генерал Хуан Хозе Зуниг, обвинувајќи го за обид за државен удар, а властите го уапсија, објави државната телевизија.
Армијата под команда на Зуниг донесе оклопни возила и војници на централниот градски плоштад во Ла Паз во обид да изврши државен удар и да упадне во претседателската палата.
Тензиите во Боливија се зголемуваат пред општите избори во 2025 година, при што левичарскиот поранешен претседател Ево Моралес планира да се кандидира против својот поранешен сојузник Арсе, што предизвика голем раскол во владејачката социјалистичка партија и политичка неизвесност.
Многумина не сакаат враќање на Моралес кој владееше од 2006 до 2019 година, кога беше соборен со масовни протести и заменет со привремена конзервативна влада.
Пред нападот на претседателската палата, Зуниг им се обрати на новинарите на плоштадот и го наведе зголемениот гнев во земјата, која се бори со економски пад, со исцрпени резерви на централната банка и притисок врз боливиската валута, додека извозот на гас пресуши. Тој повика и на промена на власта.