По втор пат денеска се одржа протест на дел од оштетените граѓани во аферата „Фиком“ пред таканаречената зграда „Филип“. Граѓаните велат дека сакаат да влезат во зградата за која сметаат дека е изградена со нивни пари кои ги дале на сега починатиот газда на фирмата „Фиком“, Никола Николиќ.
„Протестираме за да се преземе нешто против одлуката на Врховниот суд, бидејќи тој не ја признава нашата зграда како објект, а од друга страна нашите станови се продаваат од трета фирма. Според нивната одлука таа не постои. Решивме дека ќе протестираме секоја втора сабота за да нешто се преземе и го повикуваме Специјалното јавно обвинителство да ја обнови постапката за оваа афера и сите докази да се проверат заедно со тековите на парите“, изјави за НОВА една од оштетените граѓанки во оваа афера.
Тие прашуваат како е возможно да се продаваат станови за кои се водат судски постапки на трети лица, кога се уште не се знае чиви се становите.
НОВА објави дека откако цели осум години стоеше недовршена, зградата „Филип“, еден од објектите поврзани со градежната афера „ФИКОМ“ е купена од фирмата „Дан-Мак“ која ја доизгради и сега ги продава становите.
Зградата „Филип“ која се наоѓа кај поранешната фабрика „Треска“, сега е реновирана и изгледа како штотуку изградена нова зграда. На едната страна од зградата со големи букви се испишани зборовите „Дан-Мак Изградба Инжинеринг“, додека на другата стои платно со оглас за продажба на станови и локали.
Адвокатот на фирмата „Дан-Мак“, Дејан Павловски за НОВА потврди дека оваа градежна компанија ја купила зградата од Еуростандард Банка. Сопственикот на „Фиком“, Никола Николиќ, ја дал идната градба под хипотека на банката.
Повеќе за сторијата за оштетените граѓани во оваа градежна афера на следниот линк.