Нема правда, нема мир! Слобода за Кежаровски! Кој е следен за ликвидација! Не го апсете слободниот збор!
Ова беа само дел од испишаните пароли кои новинарите ги носеа на денешниот протест пред Кривичниот суд во знак на поддршка на нивниот колега Томислав Кежаровски кој веќе три дена е во притвор.
Околу 70тина колеги од различни редакции денеска ја повикаа истражната судија Татјана Михајловска на одговорност за осудениот притвор на новинарот.
На протестот кој новинарите спонтано го организираа на Фејсбук, дојдоа и претседателите на ЗНМ, ССНМ, како и претставници на МИМ.
-Неговото пишување беше сосема професионално, а тој е уапсен и задржан во притвор за да се открие изворот на информациите. Неговиот притвор е неоправдан,а тука сме да бараме негово ослободување“, изјави таа, додавајќи дека според Уставот на РМ изворот на информациите е гарантирано право за сите кои пишуваат во медиумите.
-Колеги, секој ден во вашите текстови вклучувајте го и името на обвинителката Лиле Стефанова која ја побарала мерката притвор, и најмногу на истражната судија Татјана Михајловска која со таква леснотија го ставила својот потпис на решението за притвор на новинар и секој ден нека им се вжештуваат телефоните од нашите повици со кои од нив ќе бараме одговори и слобода, апелираа новинарите.
Новинарите ќе формираат координативна група и ќе упатат писмо до одговорните во Основниот суд 1, каде што ќе бараат прием, но и ослободување на нивниот колега,како и образложение, односно лично надлежните да им објаснат зошто одредиле мерка притвор.
Мерката притвор ја осуди и претседателот на ЗНМ Насер Селмани, а главниот и одговорен уредник на Нова Македонија, Зоран Димитровски рече дека ова е напад врз истражувачкото новинарство и слободниот говор.
-Проблематично е решението за притвор и смешни се изговорите на МВР дека тој имал 4 телефони и полицијата не можела да го најде, па морале дома да влегуваат специјалци. Па, ете, дома бил,какоќе го нашле ако бегал. Досега не сме имале притисоци, но колега ни кажа дека врз пред неговото апсење Обвинителството го повикало и му се заканиле дека ако не каже кој му го дал записникот кој подоцна го објавил во текстот, ќе скапел во затвор, вели Димитровски.
-Кога медиумите откриваат некоја злоупотреба, не може приоритетно да биде ограничувањето, отколку слободата на изразувањето, зашто ако е така, тогаш ние како новинари нема да може да откриеме ниедна злоупотреба, вели Селмани.
Присуството пред судот новинарите го искористија и за да ги постават неодговорените прашања за смртта на колегата Никола Младенов, носејќи транспарент на кој пишуваше “Колку чини слободата? Ве прашува Никола Младенов”.
Македонската ацосијација на новинари во писмена реакција бара надлежните институции секогаш да го имаат в предвид сензитивниот карактер на ваквите случаи. Томислав Кежаровски е новинар, а со тоа и јавна личност, секогаш достапна за надлежните институции и од тие причини, МАН ја оценува како несоодветна постапката за неговото приведување.
На протестот дојдоа и преставници на Хелсиншкиот комитет за човекови права, но во улога на набљудувачи дојдоа и претставници на ОБСЕ.
Здруженија на новинари, Синдикатот и МИМ денеска ќе ги известат сите меѓународни организации за овој случај.
Асоцијата на европски новинари писмено се јави дека со внимание го следи овој случај, а Оливер Вујовиќ од СЕЕМО Виена го сподели повикот за протест со најава за следење на овој случај.
Томислам Кежаровски е уапсен во вторникот заради откривање на идентитет на заштитен сведок во напишан текст кој во моментот на објавувањето на текстот немал статус на заштитен,сведок за кој се потврдува дека е лажен и кој самиот во јавен говор подоцна изјавува дека сведочел лажно под притисок на припадници на тајните полициски служби. Нејасно е и зошто надлежните органи го приведуваат Кежаровски дури пет години по објавувањето на текстот во тогашниот весник кој тој го уредува “Репортер 92”.