Протестите на незадоволните граѓани во Сараево и другите градови во БиХ продолжија и денеска пред зградата на Претседателството на БиХ.
Центарот за култура синоќа беше претесен за да ги собере сите граѓани и претставници на медиумите кои сакаа да присуствуваат на првиот пленум на граѓанити во Сараево.
Тие ги изнесоа своите предлози за надминување на тешката економска ситуација. Пленумот беше прекинат зашто беше заклучено дека не може да се одржи задоволувачкото ниво.
Оттаму беше упатен апел граѓаните кои имаат искрени намери да не дозволат да бидат изманипулирани од „вметнатите елементи“ кои се обидуваат да ги разединат граѓаните собрани околу Пленумот.
Од собирот беше порачано дека демонстрациите не се поттикнати од „висока политика, туку од глад“, а „вметнатите елементи“ се обидуваат да играат на картата на национализмот и да ги свртат граѓаните едни против други. Состанокот ќе биде продолжен в петок на 14 февруари.
Предложено е Владата на БиХ како и сите пониски нивоа да работат волонтерски до крајот на мандатот, а граѓаните бараат Пленумот да избере независен мандатар на Владата на Кантонот Сараево, кој ќе формира експертска преодна влада.

