Откако официјално воените вежби беа прогласени за успешни рускиот претседател Владимир Путин нареди сите војници кои учествуваа во вежбите во близина на Украина да се вратат во своите бази.
Путин нареди вежби низ западниот дел на Русија минатата недела поради високите тензии во Украина по соборувањето на про-рускиот претседател Виктор Јанукович.
Официјални лица јавија дека на вежбата учествувале околу 150.000 војници, околу 900 тенкови, и голем број на авиони и воени бродови. Москва негираше дека тие биле поврзани со кризата во Украина.
Американското министерство за одбрана ги замрзна контактите со руската армија поради кризата на Крим. Русија во ОН ги бранеше своите воени акции со образложение дека Јанукович барал помош.
На третата седница на Советот за безбедност на ОН во рок од четири дена, рускиот амбасадир во ОН Виталиј Чуркин ја оправда стратегијата на својата земја со писмо на соборениот украински претседател Јанукович, во кое тој ја моли Русија за помош.
Чуркин нагласи дека Јанукович побарал воена помош од претседателот Путин за да се обезбеди „легитимност, мир, ред и поредок, стабилност, како и заштита на украинскиот народ“.

