Ракометарите на Вардар го освоија и петтиот трофеј во календарската 2017 година, прв во новата сезона. „Црвено-црните“ го совладаа Еурофарм Работник со 30:25 (полувреме 19:12) во премиерниот македонски Суперкуп меч.
За текот на натпреварот и не треба да се трошат премногу зборови. Вардарци и без Страхиња Милиќ, Лука Циндриќ, Вуко Борозан, Игор Карачиќ и Владо Недановски без потешкотии излезе на крај со битолскиот суперлигаш што го порази и во финалето на националниот куп за сезоната 2016/17.
Најефикасни вардарови играчи беа Кањалас, Шишкарев и Кристопанс кои постигнаа по четири гола, по еден помалку од нив запишаа Стоилов, Поповски, Фереира Мораеш, Македа и Дибиров. Првиот стрелец во натпревар, сепак, го даде поразената екипа. Ојлески реализира одум погодоци, по пет додадоа Мајнов и Чурлески.
Најуспешната година во клупската историја на Вардар почна со триумф во регионалната СЕХА лига по што следуваа и освоените титули во домашниот шампионат и во Купот на Македонија, а јаготка на шлагот беше во Келн и победата во ЕХФ Лигата на шампиони. Кон нив и сега Суперкупот, „црвено-црните“ беа трети и на Супер Глоуб турнирот во Катар (неофицијално светско клупско првенство).

