Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, ја осуди посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Крим, кој за првпат го посетува овој полуостров, откако кон средината на март и беше припоен на територијата на Руската Федерација.
„Мислам дека неговата посета на Крим е неприкладна”, изјави Расмусен пред новинарите за време на посетата на Талин, како што пренесува Ројтерс.
Расмусен исто така повтори дека нема видливи докази дека руските сили почнале да се повлекуваат од границата на Русија со Украина, што е спротивно на тврдењето на Путин кој истакна дека војската се наоѓа во своите бази.
Путин слета на аеродромот во Севастопол, кое е седиштето на Црноморската флота, присуствуваше на големата воена парада која се одржува по повод победата на Русија над нацизмот и Втората светска војна.
Претседателот на Русија утринава присуствуваше на традиционалната воена парада на московскиот Црвен плоштад по повод одбележувањето на овој светски ден.
„Ова е ден на триумфот на непобедливите патриотски сили, кога сите ние особено силно чувствуваме што значи да се биде лојален на татковината и колку е важно луѓето да бидат во состојба да ги застапуваат своите интереси”, изјави Путин, додавајќи дека Денот на победата и понатаму ќе остане главен празник за Русија.