Четвртообвинетиот во случајот „Пуч“ – Зоран Заев седнува на обвинителна клупа. Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 донесе одлука обвинението да го прифати во целост, а ги отфрли приговорите на одбраната.

Лидерот на СДСМ е обвинет за насилство спрема претставници на највисоките државни органи, а за помагач на истото дело се товари и Бранко Полифров, вработен во општина Струмица.

Во „Пуч“ првообвинет е контраразузнавачот Зоран Верушевски кој се товари за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Второoбвинет е порaнешен вработен во тајната полиција Ѓорѓи Лазаревски кој се терети за неовластено прислушување и тонско снимање и шпионажа, a третоoбвинета е сопругата на Верушевски – Соња Верушевска која се товари само за делото шпионажа.

Во текот на истрагата, еден од обвинетите, Звонко Костовски, вработен во МВР, склучи спогодба со Јавниот обвинител, ја призна вината и се договори за висината на затворската казна, три години затвор за неовластено прислушување. Тој се очекува да биде сведок во случајот.

Сите останати обвинети се во притвор, освен четвртоосомничениот Зоран Заев. На денешната прес-конференција тој посочи дека очекува оваа седмица да биде уапсен.

-Не го признавам правосудството како независна власт по Устав и закон, правосудството е под контрола на Груевски. Сакам да соопштам дека нема да присуствувам на закажаните рочишта и нема да се пријавувам во судот. Со ваквото мое соопштување, судот е должен да изрече мерка притвор и да ме лиши од слобода. Јас очекувам оваа седница да се случи тоа. Јас сум во просториите на СДСМ или во Кампот пред Влада со граѓаните. Ова е врв на апсурдот на обвинение нарачано од Никола Груевски а спроведено од јавниот обвинител Марко Зврлевски. Судот нема дадено никакво образложение за случајот, рече Заев.

Во обвинението против лидерот на СДСМ за насилство према претставници на највисоките државни органи, се вели дека Заев делувал со намера да ги загрози уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија.

Како почна се?

Се започна на 31 јануари годинава кога МВР соопшти дека лидерот на СДСМ Зоран Заев е осомничен во полициска акција „Пуч“ заедно со уште три други лица, соопштувајќи ги и останатите осомничени- Верушевски, сопругата на Верушевски и вработен во општина Струмица.

Од МВР соопштија дека Заев се товари дека на средби со премиерот Никола Груевски му се заканувал со докази против него. Со акцијата е спречен обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта.

„Четвртопријавениот остварил повеќе лични средби и телефонски комуникации со претседателот на Владата на РМ, на 28 септември 2014, на 9 и 31 октомври 2014 и на 17 ноември 2014 година. На средбите и комуникациите пријавениот на претседателот на Владата на РМ јасно и децидно му упатил сериозни закани дека поседува докази од компромитирачки карактер за носители на високи јавни службени и државнички функции во РМ. Заканата ја конкретизирал со тоа што од него како претседател на Владата на РМ и на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ побарал да ги прифати неговите барања за формирање „техничка влада“, а потоа да се распишат предвремени избори за пратеници во Собранието на РМ. За возврат пријавениот ветувал дека нема јавно да ги објави податоците“, рече помошник министерот во МВР Иво Котески.

Ден потоа, премиерот Груевски на прес-конференција директно го обвини Заев дека со уцени и закани лидерот на СДСМ го ставил на маса барањето за техничка Влада.

Четири средби при крајот на минатата година имало меѓу лидерот на опозицијата, Зоран Заев, и премиерот Никола Груевски и на нив претседателот на СДСМ му кажал дека има снимки набавени од странски служби и со нив го уценувал премиерот да попушти за барањето за техничка влада, соопшти тогаш премиерот.

– Првата средба беше на негово барање, а следните неколку беа поврзани со првичната тема. Побара од мене итно формирање техничка влада. Ме извести дека преку странска разузнавачка служба добиле снимени телефонски разговори, со претседателот Иванов, членови на владата, политички и јавни лица од власта и опозицијата, како и медиумите. Го прашав дали е сигурен дека е навистина странска служба? Тој ми потврди. Потоа ми пренесе неколку телефонски разговори. Дел беа точни, дел половично точни и дел погрешни. Сепак, со оглед дека некои беа точни тоа даде сериозност на ситуацијата. Уште повеќе кога Заев почна јавно да зборува дека ќе објавел нешто. Го гледав и слушав како седи пред мене и со каква гордост и возвишеност ме информира дека соработувајќи со странска служба стигнал до материјалите, објасни Груевски.

Груевски не може да поверува дека првиот човек на опозицијата отворено зборувал дека соработувал со странски служби.

– За сето ова што го говорам постојат цврсти и непобитни докази. Многумина ќе речат дека не сме требале ова да го правиме. Но, има некои работи кои ниту еден политичар не може и не смее да ги игнорира. Таква работа е интересот на државата. Запрашајте се што би направил некој да е на мое место? Во историјата на Македонија ниту еден политичар ова не го направил. Затоа им порачувам дека вакви местенки, уцени и закани не поминуваат, порача Груевски.

Премиерот не откри од која земја се странските служби со коишто наводно соработувал Заев, а немаше ни можност за новинарски прашања по обраќањето на Груевски.

Случајот „Пуч“ стана контроверзен за јавноста, откако снимки од средби на премиерот Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев проструија во јавноста, а медиумите ги објавија повикувајќи се на видео материјал на анонимен профил од социјалната мрежа Ју-тјуб, иако имаше ставови на експерти дека тие снимки се прибавени со ПИМ мерки и не смеат да бидат објавени пред очите на јавноста.

Но, Груевски шест месеци подоцна, за интервју за порталот Прес 24 ја отфрли сопствената првична изјава која се однесуваше на странски служби кои патролирале со комбиња, образложувајќи го својот став дека тие не се организатори на прислушкувањето:

-Во денешно време на огромен технолошки напредок на најголемите суперсили во светот во разузнавачко безбедносната и телекомуникациска сфера, меѓу кои ги вбројувам и овие 4 земји, мислам дека не им е потребнa осомничената агентурна мрежа во Македонија, доколку одлучат да дојдат до таков вид материјали. Оттука, нема логика тие да стојат како организатори на овој процес. Не е добро со леснотија и без докази да се шпекулира и да се набедуваат наши сојузници. Јас не се согласувам со тоа.

Сепак, Груевски додаде дека не се повлекува од тезата дека странска служба стои зад ова сценарио:

-Не. Таа теза е базирана на три нешта. Прво, дека самиот Заев ми кажа и пет пати ми повтори дека странска разузнавачка служба го снабдила со материјалот. Второ, во самите компјутери на првоосомничениот најдени се транскрипти од телефонски разговори на политичари преведени на англиски јазик кој се користи во меѓународна комуникација и помеѓу држави каде англискиот не е официјален јазик, очигледно наменети за странци. И трето, во исказите двајцата од осомничените,а едниот од нив и со судска пресуда, се кажува дека самиот Верушевски им говорел дека материјалите кои тие илегално ги снимале, за што признаа дека примале и парична надокнада, се наменети за странска разузнавачка служба. Тоа се искази на неговите соработници.

Истиот ден кога Груевски во обраќањето го обвини Заев за пуч и соработка со странски служби, лидерот на СДСМ Заев на прес-конференција излезе со одговор и отфрлање на овие обвинувања:

-Нема никакви странски служби. Нити сум го уценувал, нити сум се заканувал. Сите знаеја кои се петте барања меѓу кои и техничка влада. Тоа не е нешто ново. Доказите се добиени од чесни граѓани и луѓе од службите на Груевски, кои вистински се грижат за иднината на Македонија, рече лидерот на СДСМ.

Оттогаш следуваа низа прес-конференции на Заев на кои тој објави аудио снимки кои укажуваат на криминал, корупција, узурпација на државните институции од страна на власта, како и злоупотреба на функциите, а веројатно најголемата „бомба“ беше презентирана на јавноста за случајот на Мартин Нешкоски, каде јавноста слушна дека функционерите се договарале убиството да биде сокриено, по што следуваше серијал протести.

За сите објавени аудио снимки Заев тврди дека ги добил од чесни луѓе, кои биле сведоци на масовното прислушување кое го вршеле премиерот Груевски и неговиот братучед и поранешен шеф на ДБК Сашо Мијалков.

Некои од странските фактори бараа паралелна истрага за случајот „Бомби на опозицијата“, додека трае истрагата за случајот „Пуч“. Но, истрага за опозициските „бомби“ никогаш не започна, додека обвинението за пуч, длабоко е навлезено низ судниците и покрај фактот што одбраната на јавната расправа на почетокот на јуни тврдеше дека во описот на обвинителниот акт не постојат докази дека Заев имал намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на државата.

Според адвокатскиот тим на Заев, барањата за промена на составот на Владата и барање за предвремени парламентарни избори е легитимно барање на секоја опозиција и тоа не значи загрозување на уставниот поредок или безбедноста на државата.

Според нив, обвинението дека Заев кон Никола Груевски како премиер испратил „сериозни закани дека ќе ги објави во јавноста податоците и документите кои ги поседува“, не може да се смета за сериозна закана, со оглед на тоа што вакви „сериозни закани“ во политиката постојано се користат.

Aдвокатскиот тим побара Советот за оценка на обвинителниот акт да ги отстрани од листата на докази снимките од средбите на премиерот Никола Груевски и Зоран Заев направени во Владата, кои веќе беа објавени на социјалната мрежа ју-тјуб, а потоа и во медиумите, како и сите останати докази собрани со посебни истражни мерки да бидат изоставени од списите на предметот.

Одбраната тврдеше дека судот треба да го има во предвид фактот што во обвинителниот акт за Заев недостасува елементот „насилство“, но и фактот што тој, иако обвинет за Пуч, присуствувал на состанокот на Советот за безбедност.

Овие приговорите на одбраната, Советот на судот ги одби како неосновани.

Случај Верушевски: Шпионажата не е семеен бизнис

„Шпиунажата не е, ниту може да биде семеен бизнис“. Вака екс разузнавачот Зоран Верушевски ја дополни одбраната пред судот за случајот „Пуч“,на јавната расправа пред еден месец во судот.

Одбраната тврдеше дека обвинението е нецелосно и нејасно, бидејќи останува дилемата кој бил предмет на прислушување, колку лица неовластено се прислушувани, колку точно разговори, во кој период и кои се конректните разговори? Во контекст на ова, одбраната смета дека Обвинението не одговара на клучното прашање – Дали политичките бомби кои ги објавува опозицијата се производ на таквото неовластено прислушкување?

Соња Верушевска – сопругата на Зоран Верушевски се товари само за кривичното дело – шпонажа. Според обвинителниот акт, таа му помагала на сопругот во вршење на шпионажата со тоа што го користела својот компјутер на кој податоците и документите што ги давал Верушевски на Заев ги чувала и преведувала на англиски јазик и му ги давала за да тој ги предаде на странска држава, организација или друго лице што им служи.

Адвокатите тврдеа дека не постојат докази за најдени податоци во службениот компјутер на Соња Верушевска.

Во Кривичното дело шпионажа, во описот на обвинението не е прецизирано кои податоци и документи биле чувани во компјутер и преведувани од страна на Соња Верушевска? Според одбраната, ниеден од оние наводно тајни документи за кои се терети Зоран Верушевски не е пронајден во компјутерот на Соња Верушевска.

Во однос на делото шпионажа со кое се товари и контрарзузнавачот Зоран Верушевски тој смета дека недостасува прецизирање на елементите на кривичното дело. Според одбраната, не е прецизирано за која странска држава, организација или лице се прибирани податоците, кои би биле финалните корисници на прибраните податоци, и за која држава се вршело шпионирањето.

Одбраната смета дека не може да постои шпионажа, без да се знае за кого се вршела. Исто така, најголем дел од документацијата пронајдена кај Верушевски, не го задоволува условот да се третира како тајна, бидејќи се работи за јавно достапни документи и фотографии од кои осомничениот би можел да дојде согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Според Обвинението, Верушевски изготвил документ кој содржи податоци за лица носители на јавни функции. Верушевски на јавната расправа самиот образложи дека целиот акт е конфузен и нелогичен.

-Недостатокот е во некомпактибилноста на содржините на моето противправно однесување по однос на трите кривични дела. Сметам дека тие не ги исполнуваат минималните правни услови. Нема ниту еден доказ кој би посочил дека постои каква било колерација меѓу мене и институции од разузнавачки карактер односно странски служби. Нема ниеден доказ за почеток на ваква комуникација, посочи Верушевски.


Зоран Верушевски, екс разузнавач

Одбраната на јавната расправа ги оспоруваше и тврдењата дека осудениот Звонко Костовски и обвинетиот Ѓорѓи Лазаревски снимале по налог на Зоран Верушевски и дека станувало збор за шпионажа. Во обвинителниот акт материјалите од наводното неовластено прислушување на Звонко не се пронајдени кај Верушевски , ниту пак со предметното обвинение тој се терети дека поседувал материјали кои потекнуваат од системот за следење комуникации, смета одбраната.

Осомничениот Бранко Палифров, кој се товари со обвинение дека му помагал на Заев за кривичното дело насилство спрема претставници на највисоките државни органи, се уште е во притвор, додека Заев на слобода.

Според обвинението, Палифров делувал како врска помеѓу осомничениот Зоран Верушевски и Зоран Заев со „чување и пренесување на податоците во пишувана и електронска форма, пренесувал усмени пораки и ги превезувал обвинетите од едно до друго место. Нејасно е зошто Палифров чувал и пренесувал податоци кога согласно обвинението постоеле лични средби на Заев и Верушевски и зошто како помагач на Заев се држи во притвор, додека пак Заев е на слобода, смета одбраната.

Заев денеска уште еднаш потсети на луѓето кои лежат во притвор за шпионажа без притоа да се образложи за која странска држава, или служба го вршеле тоа.