Пишува Предраг Благојевиќ, Јужне вести, Србија
Тоа дека во добата на интернетот најголем дел од содржините се всушност прикриен ПР, тоа дека вестите треба да звучат онака како што зборуваме, како би ги описмениле граѓаните, како и дека е неопходно да ги споредуваме информациите кои ги добиваме, се некои од тезите кои можеа да ги слушнат собраните студенти и заинтересирани граѓани на трибина за медиумска писменост, одржана во „Дели простор“ во Ниш.
Ставовите за медиумската писменост можеа да се слушнат од повеќе страни, со оглед на тоа дека говорници беа управникот на Департманот за комуникологија и новинарство на Филозофскиот факултет во Ниш, Зоран Јовановиќ, долгогодишен менаџер на Би-би-си и членот на Групата за слобода на медиуми, Душан Машиќ, како и уредникот на порталот Јужне вести, Предраг Благојевиќ.
Така, Јовановиќ изнесе став дека писменоста без слобода е девијантна, дека таа сама по себе не значи ништо, па и дека човек кој е медиумски писмен „распознава знаци крај патот“.
Писмениот човек не е затворен во својата лушпа, не е затворен во својот ментален психички свет, туку тој свет може само да го споредува со друг свет, да го надградува или едноставно да го уцврстува – вели Јованович.
За некој да биде медиумски писмена личност, како што вели Машиќ, потребно е да се информира од повеќе видови медиуми, притоа да разликува таблоидни медиуми и лаги. Тука е и можноста личноста сама да креира вест, односно да прераскаже вест која ја слушнала, но суштината мора да биде иста.
Секој режим тежнее кон тоа да ги контролира луѓето, да гласаат за нив и да спречат било какви промени – вели Машиќ, само што нивните начини се потполно различни. И покрај тоа, сите имаат ист ефект, луѓето не знаат што е вистина, а што лага.
Во тоталитарните режими со контрола на информирањето се контролираат и луѓето. Не се дозволува информацијата да тече, да постојат различни извори. Сите мораат да зборуваат исто и секаде е само официјалната верзија и надвор од тоа ништо. Во демократските општества постои поинаков метод – се оди на безброј содржини, да се направи некаков вид медиумски хаос во кој никому веќе ништо не му е јасно – појаснува Машиќ.
Веќе долго време е актуелна и темата за воведување медиумска писменост, како предмет во училиштата. Меѓутоа, уредникот на Јужне вести, Предраг Благојевиќ го отвори прашањето за тоа во тој случај кои би биле предавачи.
Кои се тие луѓе кои ќе им зборуваат на децата за медиумска писменост? Како тие се едуцирале? Да речеме дека тие имаат добра волја и дека се вистински искрени во тоа, јас морам да поставам прашање за мотивот на Владата, која опстанува со години благодарение на контролата на информации кои одат кон граѓаните. Се сомневам во намерите на било која Влада медиумски да ги описмени граѓаните ои би требало да гласаат – вели Благојевиќ.
Затоа е потребно самите медиуми да ги описменат граѓаните, па така Благојевиќ предлага да се направи „речник на писменоста“. Тој би ги советувал медиумите кои термини да ги користат, како попрецизно би ги дефинирале поимите, како тоа дека не постои државен буџет, туку тоа се пари на граѓаните.
Уште еден од предлозите за унапредување на состојбата на медиумите кој беше изнесен на оваа трибина е дека граѓаните би требало сами да пријават на Радиодифузната агенција кога ќе слушнат некоја лага во медиумите, бидејќи на тој начин тие ги „воспитуваат“ да не лажат.
“Проектот е финансиран од Европската унија преку програмата за мали грантови „Заштита на медиумските слободи и слободата на говор во Западен Балкан“ имплементиран од Здружението на новинари на Хрватска како дел од Регионалната платформа за застапување на медиусмките слободи и безбедност во Западен Балкан во партнерство со шест организации од регионот (Независното здружение на новинари од Србија, Здружението на новинари од БиХ, Хрватсото здружение на на новинари, Здружението на новинари од Македонија и Унијата на медиумите од Црна Гора”.



