Министерот за труд и социјална работа Спиро Ристовски изрази разочарување и загриженост од одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за три члена од законското решение за регистарот на педофили.
– Шокиран сум што Уставниот суд прифати иницијатива од пет педофили и сторители на сексуална злоупотреба кои се осудени за ова кривично дело и отслужуваат казна во тетовскиот затвор сметајќи дека со ова законско решение им се нарушил нивниот личен интегритет и интегритетот на нивните семејства. За каков личен и семеен интегритет станува збор со оглед дека ова се лица кои посегнале кон сексуална злоупотреба на малолетни деца, а дел од нив се сторители на сексуално злоставување и педофили кои обљубиле свои биолошки родени деца, рече министерот Ристовски.
Разочаран сум поради ваквата одлука, додаде Ристовски, и поради фактот што, Законот беше усвоен во Парламентот со мнозинство, едногласно, без ниту еден глас против, не беше осуден од никого во јавноста, а исто така никој од експертската јавност и од невладиите организации не рече дека тој е лош или е спротивен на Уставот.