Денеска во 13 часот во Основниот суд Скопје 1 се очекува да биде соопштена пресудата за случајот „Ровер” во којшто му се суди и на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, јавува Макфакс.
За овој случај обвинети се 15 лица, но првите четворица, кои се наведени како извршители и еден од нив организатор, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ се во бегство.
Одбраната на обвинетите во текот на судењето реагираше и во неколку наврати изјави дека истражните органи воопшто не ги искористиле правните процедури и не ги пронашле првообвинетите.
Бошкоски се товари дека како министер за внатрешни работи во тоа време му дозволил на сега веќе починатиот Орце Коруновски да нарача убиство за Тушевски.
Марјан Тушевски и Кире Јанев беа убиени на 10-ти јули 2001 година. кога излегувале од кафулето „ЗУ” во скопската населба Капиштец. Прво со 11 куршуми беше убиен Тушевски, а потоа напаѓачите пукале и кон Киро Јанев кој се обидувал да избега. За овој случај одговараат 15 лица, а четворица од нив се во бегство.
Бошкоски во затворот „Идризово” ја издржува петгодишната затворска казна за нелегално финансирање на изборната кампања.