Идејата на американскиот државен секретар Марко Рубио за трајно намалување на зависноста од Ормутскиот теснец повторно ја отвори дебатата за тоа дали светот може да најде алтернативни правци за транспорт на нафта и природен гас. Иако Вашингтон ја претставува оваа визија како долгорочна стратешка цел, економските и геополитичките аналитичари предупредуваат дека целосно заобиколување на Ормутскиот теснец е практично невозможно во догледна иднина.
Во интервју за „Фокс њуз“, Рубио оцени дека земјите од регионот сè повеќе ја согледуваат заканата од Иран и дека е неопходно глобалните енергетски текови постепено да се пренасочат кон алтернативни правци.
Според американската Администрација за енергетски информации (EIA), низ Ормутскиот теснец дневно минуваат околу 20 милиони барели нафта, што претставува околу 20 проценти од светската поморска трговија со нафта.
Покрај тоа, преку теснецот се транспортира и околу една петтина од светската трговија со течен природен гас (LNG), главно од Катар.
Енергетските експерти посочуваат дека постојат нафтоводи кои делумно го заобиколуваат Ормутскиот теснец, но нивниот капацитет е далеку помал од количините што секојдневно минуваат низ оваа поморска рута.
Најважен е саудискиот нафтовод Исток–Запад (Petroline), кој по неодамнешните поправки повторно транспортира околу седум милиони барели дневно до пристаништето Јанбу на Црвеното Море.
Обединетите Арапски Емирати располагаат со нафтовод што може да пренесе до 1,8 милиони барели дневно до пристаништето Фуџајра.
Сепак, нивниот вкупен капацитет е околу девет милиони барели дневно, што е повеќе од двојно помалку од количината што вообичаено минува низ Ормутскиот теснец.




