Русија ја исполни заканата и денес го прекина гасот за Украина откако преговорите помеѓу нив завршија неуспешно. Потег кој ќе има влијание и врз Европа а може да ја влоши и кризата во Украина.
Покрај соприрањето на гасот, на истокот на Украина сепратистите ја окупираа централната банка во Донетск и со тоа го парализираа регионалниот финансиски систем, обвинува Киев.
Русија сосема го укина гасот за Украина а низ цевките поминува само делот кој е наменет за европските земји, рече украинскиот министер за енергија Јури Продан и додаде дека неговата земја нема да прави пречки за достава на гасот во Европа.
За генералниот директор на Гаспром Алексеи Милер, повеќе нема место за дискусија во Украина и ја обвинува земјата за уцена по неуспехот на преговорите. Премиерот на Украина изјави дека оваа мерка е план за уривање на Украина и дел од руската агресија врз неговата земја.
Германското министерство за економија тврди дека оваа криза нема да има веднаш влијание врз Европа. Околу 15 отсто од потрошувачката на гас на Европа доаѓа од Русија и минува преку Украина. Но, според европскиот комесар за енергија Гинтер Ојтингер, оваа зима можеби ќе има проблеми со доставата на гас од Русија доколку дел од овој гас остане во Украина.
Претседателот на Европската комисија Хозе Мануел Баросо ги повика Русија и Украина да вложат напор за да најдат договор кој ќе дозволи дотур на гасот.