Русија се обидела да ги шпионира делегациите учесници на Самитот на групата Г-20 што минатиот месец се одржа во Санкт Петербург, пишуваат денеска италијанските весници.
На крајот на средбата на врвот, која се одржи на 5 и 6 ептември, руските домаќини им дале на делегациите како подарок УСБ стикови и полначи за мобилни телефони, тврдат весниците „Стампа“ и „Кориере дела сера“.
Претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј бил изненаден од подарокот и побарал од безбедносните служби да го проверат.
Првичните анализи, извршени со помош на германските служби, дале позитивен резултат и експертите констатирале дека подароците можеле да служат и за следење на компјутерски податоци и мобилните телефони.
Извор од ЕУ истакнал дека националните власти вршат уште анализи и додека резултатите не бидат конечни, нема да има официјален протест до Русија.
Извор: МИА