Кој навистина ја доби спортската сала во Аеродром на 35 години концесија и зошто Општина Аеродром го крие договорот? Ова истражување открива дека сопственикот на компанијата концесионер била фирма со тајно сопствеништво во карипската држава Белизе, каде што дели иста адреса со медиуми и со градежни компании поврзани со локални моќници од Македонија. Истражувањето е работено преку истражувања низ јавно достапните бази на податоци во Македонија, Русија и во Кипар

Пишуваат: Владо Апостолов и Сашка Цветковска
Графика: Фидан Николовски

Сергеј Самсоненко живее во Македонија во последниве осум години. Македонската јавност го запозна како газда на обложувалниците „Бетсити Балкан“, откако есента 2006 година одлучи да се пресели во Скопје заедно со семејството.

Дошол сосема случајно, на покана на бизнис-соработник и поминал неколку дена во Скопје. Првата средба со градот му била на стариот аеродром, кој тогаш беше мал и неугледен, и затоа харизматичниот Сергеј веднаш се запрашал: Каде дојдов, што е ова?

Се сместил во хотел во елитната населба Водно и таму се случил пресвртот.

– Наредното утро кога се разбудив гледам сѐ е убаво, зелено. Толку многу ми се допадна, што ѝ се јавив на сопругата и ја прашав каква машина за перење алишта сака кога ќе се преселиме во Скопје, раскажува Самсоненко во едно од ретките телевизиски интервјуа, лани во емисијата „Еден на еден“ на Алфа ТВ.

На сопругата ѝ соопштил дека нашол стан и дека паднала одлука за селидба.

Посетата на Македонија е воедно и првото стапнување на Балканот за Русинот што доаѓа од градот Ростов на реката Дон. Во ток-шоуто на Алфа ТВ, Самсоненко објасни дека првиот бизнис во татковината му биле спортските обувки, односно дека во почетокот на деведесеттите години на минатиот век имал фабрика што дневно произведувала и до 2.000 пара патики. Подоцна се занимавал и со трговија на компјутери и со градежништво.

ОД РОСТОВ НА ДОН ДО ВАРДАР ВО СКОПЈЕ

Откако Самсоненко е на македонско тло, неговата бизнис-империја постојано се шири. Тој ги презема женскиот и машкиот ракометен клуб Вардар, а стана доминантен сопственик и на истоимениот фудбалски клуб.

Меѓутоа, додека брануваше во спортските води, Самсоненко се подготвувал и за влез во градежно-услужните дејности.

Премиерот Никола Груевски трипати му гостуваше на рускиот бизнисмен додека тој го градеше новиот спортски центар „Јане Сандански“ во скопската населба Аеродром. Груевски ја фрли првата лопата врз темелите заедно со Самсоненко пред локалните избори во 2013 година, а во пресрет на ланското гласање, премиерот заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, дојде на градилиштето да види како се развива зданието вредно 15 милиони евра.

Посетата беше овековечена во предизборен спот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во кој е прикажано како Груевски е изненаден колку бргу никнала карабината и како Самсоненко уште во април му ветува дека салата ќе биде готова за следната сезона, која почнува наесен. Така и се случи!

При крајот на август 2014 година, Груевски присуствуваше на отворањето на спортскиот центар „Јане Сандански“. На свеченоста, покрај градоначалникот Коневски, дојдоа и градскиот татко Коце Трајановски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, a претставник на скопскиот џет-сет беше бизнисменот Орце Камчев.

На местото на старата спортска сала „Јане Сандански“, на парцела од 11.000 квадратни метри, Самсоненко изгради нов спортскиот центар, кој содржи голема арена, со капацитет од 6.500 гледачи и една помала сала, која собира 1.000 посетители. Во комплексот има конференциска сала, конгресен центар, тениски игралишта, простории за фитнес и за аеробик, а дел од целиот проект е и новиот хотел „Русија“, угостителски објект со четири хотелски ѕвездички, кој располага со 61 апартман, од кои еден е претседателски.


Хотел Русија, Фото НОВА

Градежен плац веднаш до спортскиот комплекс „Јане Сандански“, на кој Сергеј Самсоненко ја гради руската црква „Св. Троица“. Тоа ќе биде храм, кој ќе се распростира на 600 квадратни метри и ќе има конаци и ан

Преку нашето истражување дојдовме до документи, кои откриваат дека дури во декември 2014 година, неколку месеци по отворањето на комплексот, Сергеј Самсоненко лично станува сопственик на фирмата што го изгради спортскиот центар „Јане Сандански“.

Оваа компанија, додека го градеше новиот спортски комплекс, била во рацете на кипарска фирма, која, пак, зад себе има непознат сопственик од карипската држава Белизе. Официјалните документи од регистрите во повеќе држави го отвораат, не само прашањето на сопственоста, туку и прашањето на потеклото на парите, ако се има предвид дека и централноамериканската држава Белизе важи за даночно прибежиште со апсолутно загарантирана анонимност.

НЕПОЗНАТ ГАЗДА ОД БЕЛИЗЕ

Општина Аеродром, во ноември 2012 година, јавно побара фирма што требаше да ја урне старата сала и да инвестира во сосема нов комплекс, а потоа одредено време да го користи спортскиот центар под концесија. Предвидено беше на повикот да победи инвеститорот што ќе може да инвестира најмалку 8 милиони евра во нов спортски центар и што ќе понуди најкраток концесиски период.

По четириесет дена откако заврши огласот, општината немала голем избор, бидејќи на повикот се јавила само фирмата Спортски центар „Јане Сандански“ ДООЕЛ, а во јавноста беше претставено дека новиот инвеститор е, всушност, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Фирмата Спортски центар „Јане Сандански“ ДООЕЛ, од свои пари, за околу 16 месеци го изгради спортскиот комплекс, а за возврат го доби правото да управува и да заработува од салата и од хотелот во наредните 35 години.

Според официјалните документи, оваа компанија е формирана на 7 декември 2012 година, нецели 20 дена откако Општина Аеродром веќе го распишала огласот за јавно-приватно партнерство. Како основач на оваа компанија се јавува фирмата „Бетсити Кипар Лимитед“ од Никозија, главниот град на оваа островска држава сместена во Медитеранот. Кипарските банки долго време важат за упориште на руските тајкуни.

Меѓутоа, во Централниот регистар во Скопје депониран е документ од кипарското Министерство за трговија, индустрија и туризам, поточно од одделот за Регистрирање компании, во кој пишува дека единствен акционер во кипарската „Бетсити Кипар Лимитед“ е фирмата „Игра инвест ЛТД“, која потекнува од државата Белизе сместена на Карипски Острови.

„Игра инвест ЛТД“ се наоѓа во главниот град Белизе сити на улица „1 ½ Miles Northern Highway“, истата адреса на која се сместени уште две компании од оваа карипска држава што се присутни во Македонија.

Првата фирма е „Иресине лимитед“, која е сопственик на неделникот и на порталот „Република“, додека втората е „Базики лимитед“, која беше содружник во градежната фирма „Искра ММ“, заедно со охриѓанецот Цветан Панделески, таткото на Дејан Панделески – кумашинот на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, и со скопската „Ексико“, која, пак, е во сопственост на фирмата „Т&МЈ Инвестмент СА“ од Лугано, Швајцарија.

Тимот од новинари, повеќе од месец се обидуваше да стапи во контакт со рускиот инвеститор Сергеј Самсоненко. Испративме повеќе електронски барања на службената адреса на компанијата, а ѕвоневме и на неговиот телефон, но нашите повици останаа неодговорени. Единствено успеавме да го добиеме управителот на фирмата Спортски центар „Јане Сандански”, Давор Стојаноски, кој истовремено е и извршен директор на машкиот ракометен клуб Вардар.

НОВА го праша Стојаноски, како и неговиот претпоставен Самсоненко, каква е нивната врска со фирмата од Белизе, „Ингра инвест ЛТД“, меѓутоа тој не ни одговори бидејќи, како што ни објасни во телефонскиот разговор, сѐ уште немал сигнал од рускиот бизнисмен.

Повратен одговор немавме ниту од Општината, каде што прашавме дали знаеле дека компанијата Спортски центар „Јане Сандански“ била во сопственост на кипарската компанија „Бетсити Кипар Лимитед“, во која, пак, акционер е фирма од Белизе.

Општина Аеродром oстана глува и за нашата дилема дали во договорот за јавно-приватно партнерство со фирмата Спортски центар „Јане Сандански“ има некакви ограничувања за промена на сопственоста кај концесионерот, бидејќи пред Нова година, фирмата-концесионер ја презеде лично Самсоненко, а претходно сопственик била „Бетсити Кипар Лимитед“.

Тоа не можевме да го провериме сами, бидејќи неколкупати го побаравме потпишаниот договор за јавно-приватно партнерство од Општина Аеродром, меѓутоа портпаролката Маја Манчевска нѐ убедуваше дека тој документ не може да го сподели бидејќи во него имало податоци што треба да бидат заштитени, како, на пример, некои лични информации.

Но, истражувањето открива дека Општина Аеродром го потпишала договорот на последниот ден од рокот за доставување понуди од заинтересираните инвеститори.

ТЕНДЕРСКИ АПСУРДИ И ОПШТИНСКИ ТАЈНИ

Повикот за доделување концесија што го објавила Општината отвора многу прашања. Според огласот од тендерот што ни го достави Општината, последен ден за доставување понуди од страна на заинтересираните компании е 4 јануари 2013 година. Тоа е истиот ден кога Општината свика прес-конференција, на која јавно го потпиша договорот со новиот инвеститор.

Од друга страна, полињата со критериуми според кои компаниите се натпреваруваат, се речиси празни. Нема никакви технички и економски критериуми. Единствен критериум што потенцијалните понудувачи треба да го исполнуваат е да понудат „најмал број месеци“.

Поранешниот член на Антикорупциската комисија и експерт за јавни набавки, Вања Михајлова вели дека критериумот е нејасен, а спорен е и бројот на години со кој инвеститорот ќе располага.

– Тоа време, 35 години, е долго време во кое што инвеститорот ќе остварува добивка. Каква ќе биде таа сала кога ќе им се врати на граѓаните? Што добиваат граѓаните од овој договор. Со овие постапки или со оние во кои државна земја се доделува за едно или 10 или 20 евра по квадрат треба да се позанимава Јавното правобранителство бидејќи тие треба да видат дали со овие договори е заштитен интересот на граѓаните, вели Михајлова.

Спорно е и тоа што Општина Аеродром не го споделува договорот за јавно-приватно партнерство со фирмата што го изгради спортскиот центар.

– Според законите, јавните набавки почиваат на принципот на максимална транспарентност. Нема никаква законска основа за некој договор да се држи во тајност, граѓаните мора да можат да имаат увид во содржината во секое време, вели Михајлова.

Експертите за НОВА објаснуваат дека во членот 7 од Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, транспарентноста е дефинирана како основно начело на кое се базира законот.

Експертот за антикорупција, Драган Малиновски објаснува дека според член 96 од Законот, транспарентноста мора да се обезбеди во сите фази, почнувајќи од спроведувањето на постапката, доделувањето на концесијата и нејзината реализација. Меѓутоа, врз основа на овој закон, владата има донесено Уредба за содржината на договорот за ЈПП, каде што, меѓу другото, се предвидува и можност за дефинирање одредби за тајност на податоците.

– Сметам дека тајноста не може и не смее да се однесува на целиот договор и елементите што претставуваат јавен интерес, туку тоа се однесува на податоците што се однесуваат на приватниот партнер, како што се лични податоци, деловни податоци за својството на приватниот партнер и слично. Повикувањето деловна тајна за договорот во целина, а посебно во поглед на суштествените услови на облигациониот однос преставува небулоза и нарушување на основното начело за транспарентност, смета Малиновски.

Но, договорите за јавно-приватни партнерства што ги склучуваат општините и институциите во земјата, речиси во целост не им се достапни на граѓаните. Користејќи го правото на слободен пристап до информации испративме десетици барања за увид во договори до повеќе општини во земјава.

Со исклучок на една општина, сите други ги одбија нашите барања, со образложение дека станува збор за „деловна“ или за „државна“ тајна.

ОФШОР-КАПИТАЛОТ ФРЛА СОМНЕЖ ВРЗ ЛЕГАЛНОСТА НА ПАРИТЕ

Минатата пролет, Светскиот конзорциум за истражувачко новинарство ја отвори дата-базата на сопственици на компании во офшор-земјите. Мегапроектот сѐ уште трае и полнењето на базата оди бавно, но, гувернерот Димитар Богов тогаш ја коментираше базата и изјави дека е незаконски македонските државјани да поседуваат фирми и сметки во странство.

– Иако македонските граѓани и фирми, согласно законот за девизно работење, немаат право да имаат банкарски сметки во странство, вклучително и на британските Девствени Острови, сепак можно е да има прекршители на законот“, изјави Богов.

Експертите, пак, велат дека чесните бизнисмени ретко се одлучуваат да тргуваат и да работат во офшор-дестинациите.

– Сите тие инвестиции што доаѓаат од такви земји, во основа треба да фрлат сомнеж на чистотата на парите што доаѓаат од таквите земји и треба да покренат проверки за легалноста на парите. Бидејќи тој што е чист и работи легално, не отвора фирми во офшор-дестинации. Таму се отвораат фирми за да се избегнат даноците или за да се скријат, парите од трговија со бело робје, оружје итн. и потоа тие пари се легализираат во земји со слаби институции, како Македонија, вели универзитетскиот професор Владимир Пивоваров.


Документ од Централниот регистар во Кипар, кој покажува дека единствен содружник во кипарската Бетсити Лимитед е компанијата Ингра Инвест од Белизе

MЕДИУМСКИ РАБОТНИЦИ ПОД КАПАТА НА САМСОНЕНКО

Директор на младинските школи во фудбалскиот клуб Вардар е скопјанецот Горан Митев. Тој од 2009 до 2012 година работел во Државна лотарија, каде што одредено време му бил заменик на директорот Дане Кузмановски, инаку познат скопски бизнисмен.

Митев ѝ е познат на јавноста како сопственик на две регионални телевизии, ХДТВ-мега, која зрачи од Битола и ХДТВ-канал плус, која зрачи од Штип. Митев е еден од тројцата скопски бизнисмени, кои во ист ден купија по две регионални телевизии, вкупно шест, во кои веднаш по промената на сопствеништвото нагло се зголеми бројот на владини реклами.

Претседател на ФК Вардар, пак, е Мирко Спасески, кој е познат и како заменик-уредник во дневниот весник „Македонски спорт“, кој е дел од медиумската империја на Медиа Принт Македонија (МПМ). Бизнисменот Орце Камчев, ексдипломатот Срѓан Керим и српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ се сопствениците на медиумската куќа МПМ.

РУСКИОТ БИЗНИСМЕН ЌЕ ГРАДИ УШТЕ ЕДЕН СПОРТСКИ ЦЕНТАР

Компанијата „СИС Балкан ДОО Скопје“, чии основачи се Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, во февруари годинава купи атрактивната парцела меѓу арената „Филип Втори“ и Паркот на франкофонијата во Градскиот парк во Скопје за 40 евра по квадратен метар.

Цената на целото земјиште е нешто повеќе од половина милион евра, а исто како и во Општина Аеродром, така и на овој повик, компанијата на Самсоненко беше единствената што учествуваше на јавното наддавање за изградба на нов спортски центар.

Поради овој договор реагираше градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, кој информираше дека точно пред една година, неговата Општина побарала да го добие владението врз ова земјиште, право кое произлегува од процесот на децентрализација и кое го уживаат другите општини – меѓутоа, и покрај дополнителното барање од септември 2014 година, Министерството за транспорт и врски ја игнорирала Општината и го дало земјиштето на јавно наддавање.

За Жерновски е јасно зошто имало молк цела година.

– Одговорот е јасен. Продавање атрактивна земја за 40 евра е криминогено и безмилосно раскрчмување на атрактивно земјиште. Од првичните 2.420 денари, со наддавање, почетната цена е, замислете, зголемена за цели 220 денари, изјави Жерновски.

Министерството за транспорт и врски во репликата рече дека Жерновски манипулирал и побара да се изјасни кој закон е прекршен во, како што велат оттаму, транспарентната постапката.

Истражувачката сторија е поддржана од НЕД во рамки на проектот „Промовирање на истражувачкото новинарство во сферата на јавните трошења“