Советот на Руската Федерација едногласно го одобрил барањето на претседателот Владимир Путин да испрати руски воени сили во Украина, пренесува Раша тудеј.
Овој чекор се презема за да се стабилизира ситуацијата во поделената земја, пренесува медиумот.
Горниот дом на рускиот парламент гласал во полза на испраќањето војници во Автономната Република Крим, со што ќе се обезбеди ред и мир во регионот „додека да се стабилизира социополитичката ситуација во земјата”.
Поради „вонредната ситуација во Украина”, рекол Путин, постојат закани за животот на руските државјани и рускиот воен персонал со седиште во јужниот кримски регион, пренесува Си-ен-ен.
Гласањето се случува истиот ден кога новиот прорускиот лидер на Крим, Сергеј Аксјонов, побара од Путин помош во одржувањето на мирот на црноморскиот полуостров – каде што Русија има голема поморска база во Севастопол.
Во меѓувреме, расте меѓународната загриженост дека Москва може воено да интервенира во кризата, и покрај предупредувањата од САД и од другите западни сили дека таа треба да го почитува украинскиот суверенитет.
Како одговор на потегот на Путин, шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт на Твитер напишал: „Руската воена интервенција во Украина е јасно против меѓународното право и принципите на европската безбедност”