Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека по американско-украинските разговори на Флорида, некои тешки прашања сè уште треба да се решат.
Тој соопшти дека сега заминува за Европа за да ја обезбеди поддршката од сојузниците, а претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп треба да отпатува во Москва и да го информира Кремљ за резултатите од преговорите.
Интензивната дипломатија продолжи во понеделникот по разговорите меѓу американските и украинските претставници во голф-центарот изграден од специјалниот претставник на Трамп и претприемач, Стив Виткоф.
Зеленски пристигна во Париз на средба со францускиот претседател Емануел Макрон, а во вторник ќе отпатува во Ирска. Украинскиот министер за одбрана треба да биде во Брисел на разговори со НАТО. Во вторник Виткоф се упатува кон Москва на состанок со Владимир Путин.
Кијив и неговите европски сојузници сакаат Вашингтон да го промени предложениот американски мировен план, кој, според извештаите, првично ги почитувал клучните руски барања: Украина да се откаже од дел од својата територија, да ја намали големината на својата армија, да се откаже од амбицијата да се приклучи кон НАТО и да им забрани на западните сили да влезат на нејзина територија.
Кијив тврди дека ова би значело капитулација и би ја оставило земјата ранлива на целосна окупација откако Русија ја нападна Украина во 2014 година и повторно во 2022 година.
Постојат некои тешки прашања што сè уште треба да се решат, објави Зеленски на X најавувајќи серија состаноци во Европа за да се разговара за заклучоците од преговорите на Флорида. „Ќе биде многу значаен ден“, рече тој.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, кој ги води разговорите во клубот „Шел Беј“ на Виткоф во близина на Мајами, во неделата изјави дека Вашингтон е „реалистичен во врска со тоа колку е тешко ова, но оптимист, особено со оглед на фактот дека постигнат е напредок“.




