Пишува: Нано Ружин

Колку е точна синтагмата на Клемансо дека „И кога грешел народот бил во право“? Дали секој народ има политичари какви што заслужува? Зошто живееме во општество со толку ниска политичка култура, како што деновиве констатира експертската група на списанието „Економист“? Пофалени сме дека С.Македонија конечно повеќе не поседува атрибути на „хибриден режим“, со просечен индекс седум, но нивото на политичката култура е оценет со нискиот индекс  3,13. Со оваа охрабрувачка констатација од една страна е надминат срамниот комплекс хибридниот режим воспоставен по 2008  кој се третира како  „ некомплетна транзиција од авторитарен кон демократски режим“. Од  друга страна, „Економист“ констатира дека Северна Македонија спаѓа во режимите на „несовршена демократија“ ( Flawed democracies), со просечен индекс од 6,03 исто како и најголемиот број држави од Централна и Источна Европа.

С.Македонија е подобро рангирана од Црна Гора и Босна и Херцеговина ( оценета како хибриден режим) но послабо е рангирана од Србија (6,36), Хрватска( 6.50), Бугарија (6.64), Романија (6,43) Унгарија (6,50) инаку сите оценети како „несовршени демократии“. Политичката култура во државите на Западен Балкан вклучувајки ја и С.Македонија се должи на „високиот праг на толеранција на граѓаните за некомпетентноста, необразованоста и коруптивноста на политичкиот крем. Често балканските политичари личните интереси ги изедначуваат или воздигнуваат над  интересите на општеството и државата. Сепак таквата дијагноза е зад сегашните искуства на државата. Македонската болна страна на демократијата  и натаму е судството и корупцијата. Во нашата држава судството ја покажа сопствената немоќ кон македонските тајкуни, занемарувањето на криминалните афери  „заборавени“ или „затурени“ по судските фиоки, неограничените одлагања на судските процеси. Напоредно со таквиот судски сарказам,  присутни се простачките пцовки на јавни места , сочните плукањата по политичкиот противник, заемните навреди, кафеанските однесувања и бахатост, неодмерените „ стручни и навредливи анализи“ на бројните „експерти“ на најгледаните електронски медиуми со низок уличен речник, експлоатирање на „лажни вести“, вулгарности на социјалните мрежи…Дали е тоа политичката култура која им е својствена на Македонците, или повеќе се работи за политичката култура која ја одредиле политичките елити, нивните медиуми, порт-пароли, пратеници, советници  ? 

Во науката, политичката култура се дефинира како „збир на политички ставови на поедини членови на општеството во една држава“. Според Габриел Алмонд, „таа е пред се ориентација на граѓаните на една држава кон политиката, политичката перцепција на легитимитетот и традицијата на политичката пракса“. Доколку мнозинството граѓани се изјаснат за демократскиот политички поредок тогаш таквото општество го носи епитетот на општество со демократска политичка култура. Типологијата на политичката култура се каратеризира со парохијален или територијален тип на политичка култура, поданички и партиципативен тип на политичка култура. Сите овие форми се присутни во македонското општество вклучувајки ги и етничките заедници. Ако го прашате просечниот Македонец или Албанец, дали смета дека водачот на народот треба да има „цврста рака“ дури и за сметка на самоволното одлучување а на штета на демократијата, одговорот би бил афирмативен. Воедно политичарот кој би се изјаснил против „цврстата рака“ а за демократијата од европски димензии би го сметале за блед политичар. Граѓаните на Македонија и на Западен Балкан преферираат автократски владетели. Инаку како да се објасни сеуште големата популарност на лидери од поранешниот режим на ВМРО-ДПМНЕ или на еден Владимир Путин меѓу македонската популација и елити? Зошто е тоа така? Одговорот е едноставен:  Затоа што политичката култура која им се наметнува на нашите граѓани е во директен конфликт со резултатите на доминацијата на таквата култура која се чувствува и опстојува во секојденвиот живот. На крајот, кога интелектуалците се немоќни нивната перцепција се сведува на надежите дека „диктаторот ке биде доброчуден“ . И денес е јасно  дека  во  македонското општество и пошироко постои дихотомија на политичката култура помеѓу онаа на „елитите“ и онаа на „масите“, помеѓу онаа на владеаните и владетелите, на политичките партии и нивните поданици, пишува М. Камавра. Проблемот не е во парадигмата, туку во манипулацијата на масите од страна на елитите или на самонаречените месии кои ги загрозуваат функционирањата на демократијата. Од меритократски до клиентелистички форми на политичка култура од лажно клеветење до празни митологии, од мегаломански ветувања до манипулативен волунатризам масите се бомбардирани од страна на нивните политички водачи. Таквата мобилизација влијае врз обликувањето на граѓанството, неговите познавања, норми вредности кои го ориентираат неговото когнитивно, афективно и еволутивно однесување. Сите споменати параметри влијаат врз евалуацијата на демократијата во едно општество.

Во 2006 група експери и новинари на  писанието „Економист“ за прв пат ја објави годишната проценка на демократијата во 167 држави во светот. Утврдувањето на индексот на демокртаијата се врши преку компаративна анализа на шеесет критериуми поделени во пет категории и тоа: изборната процедура и политички плурализам, граѓански слободи, функционирање на власта, политичката партиципација и политичка култура. На 10 февруари оваа година беа изнесени рангирањата за 2021, каде С.Македонија  го зазеде  73-то место што е за пет места подобар ранкинг во однос на 2020 кога кон државата се лепеше и неславниот епитет „ хибриден режим“. Овој пат проценките на „Економист“ се многу поповолни за сите четири домени и се движат  над високиот индекс од 7 поени со исклучок на доменот кој се однесува за состојбите со политичката култура чиј индекс изнесува ниски 3,13 што влијаеше врз вкупното рангирање на државата. Со најслаб ранкинг на индексот на демократијата се оценети Авганистан и Мијанмар кои се под Северна Кореја. Апсолутен рекордер во стапката на демократија е Норвешка со индекс 9,76. Останатите нордиски земји, Финска 9,27, Шведска 9,26, Исланд 9,18, Данска 9,9 ја дополнуваат листата од  најдемократски земји во светот.

Државите на Западна Европа ги заземаат седум од десете први места во светското рангирање на демократиите а 12 од 21 држава се класификувани како „комплетни демократии“. Од друга страна  режимите во Русија и Кина се оценети како авторитарни демократии.

Кога се анализираат регионалните проценки на индексите на демократија, „Економист“ смета дека регионот на Источна Европа во кој спаѓа и Западен Балкан со просечниот индекс ос 5,36 во 2021 е единствен регион во светот кој не забележал пад на демократијата. Забележаниот скор во однос на оној во 2006 кој изнесувал 5,76 сеуште не е достигнат и во споредба со останатите делови на Европа, нашиот регион според индексот на демократичноста  значително заостанува зад останатите држави на Стариот континент. Државите од Западен Балкан воглавно добиваат добри оценки во однос на демократските компетитивни системи,  плурализмот и слободните и урамнотежени избори. Меѓутоа формалните демократски механизми коегзистираат со лошото функционирање на власта. Корупцијата и недостатокот на транспарентноста се присутни во целиот регион, додека довербата во власта е во постојано опаѓање.

Една друга слабост за која и регионот (4,73) и С.Македонија добија низок индекс  (3,13)  а се темели врз податоците на World Values Survey,  се  однесува на политичката култура на граѓаните во Источна Европа. Во Извештајот на „Економист“, кој се повикува на Balkan Barometer се констатира дека Молдавија, Црна Гора и С. Македонија направиле најсилен скок, иако пандемијата и стрикните почитувања на протоколите ја смалиле довербата на граѓаните кон властите. Трите држави еволуираа од „хибридни режими“ во „несовршени демократии“ благодарение на високите индекси во функционирање на владите и организирањето  на слободните парламентарни или локални избори. Иако С.Македонија многу доцни зад нордиските демократии или оние што се оценети како „комплетни демократии“, има реални шанси да го подобри рангирањето во текот на 2022. За таа цел освен вообичаените формули за функционирањето на демократијата кои ги покажа актуелната власт во текот на 2021, неопходна е поголема социјализација на политиката,  поголема транспарентност, порешителна битка со корупцијата, јакнење на судството, афирмација на Уставниот суд, поголема контрола на власта согласно принципот chek and balances, подигање на едукативното ниво на образовните и останатите институции, позначајна улога на науката.

 

Авторот е универзитетски професор