Новата Ковид Б.1.1.7 варијанта на Корона вирусот која пред прв пат се забележа во Велика Британија во ноември, 2020 сега е веќе најраспространетата варијанта во САД. Оваа варијанта на вирусот е раширена во барем 70 други држави, меѓу кои и С.Македонија.
Во напис за CNN, Холи Јан пишува дека во САД новата Ковид варијанта е многу позаразна – односно многу побрзо се шири – и дека особено голем ефект има врз младите луѓе за разлика од иницијалната варијанта на Ковид која се рашири низ светот во март, 2020. Иако во САД, процесот на вакцинација се одвива на релативно ефикасен начин каде 74 милиони луѓе се веќе целосно вакцинирани, новата Ковид варијанта е забележана во сите 50 држави во САД.
Исто така во САД веќе над 78% од лицата над 65 години имаат добиено барем една доза од некоја од вакцините, а 60% се комплетно вакцинирани. Иако иницијано оваа популација беше една од најранливите групи на вирусот, бидејќи во САД оваа група е главно вакцинирана, бројот на ново-заразени во оваа група опаѓа.
Со масовното ширење на новата варијанта на вирусот, во САД е приметено дека Б.1.1.7 варијанта се шири кај деца и остава долго-трајни последици кај помлади луѓе кои го прележале вирусот. Исто така се забележани значително зголемени стапки на хоспитализација на помлади луѓе кои сѐ уште не се вакцинирани. На пример, во државата Њу Џерси зголемен е бројот на хоспитализирани лица од Ковид-19 за 31% во возрасната група од 20 до 29 години, како и зголемување за 48% на бројот на хоспитализирани лица во возрасната група од 40 до 49 години. Овој значителен пораст најверојатно се должи на фактот дека новата варијанта е позаразна и побрзо се шири.
Зошто е новата Ковид-19 варијанта позаразна?
Најчесто за некој да се разболи од Ковид-19, таа личност треба да е изложена на поголем број концентрирани вирусни честички, односно малку е веројатно од една вирусна честичка да се стигне до заболување од Ковид. Вирусот полесно се шири во затворени простории отколку на отворен простор бидејќи честичките од вирусот полесно се концентрираат кога нема вентилација.
Докторите кои Холи Јан ги интервјуира за нејзиниот напис објаснуваат дека фактот што новата Ковид варијанта е „полеплива“ ја прави позаразна.
„Варијантата Б.1.1.7 има мутации што овозможуваат повеќе да се поврзе со клетките“, рече д-р Џонатан Рајнер, медицински аналитичар за CNN и професор по медицина и хирургија на универзитетот Џорџтаун Вашингтон. „Замислете ја оваа мутација како нешто што го прави вирусот полеплив“.
Д-р Меган Рејни, директорката на Brown-Lifespan Center for Digital Health, објаснува дека „ви треба одреден инокулум – одредена количина на вирус – за да се овозможи инфекцијата [на Ковид-19]“ и дека инокулумот за новата варијанта на вирусот е различен од иницијалниот Корона вирус.
“Значи, овие нови варијанти, особено варијантата од Велика Британија, се чини дека се полепливи. Така што велиме дека оваа варијанта е позаразна бидејќи потенцијално не ви треба толку многу инокулум за да се разболите,” изјавува д-р Рејни. Фактот што новата варијанта е полеплива во пракса значи дека може да се реализира Ковид инфекција дури и во побезбедни околини или за времен на пократки интеракции. „Може да бидете на некое место и можеби да имате пократка изложеност или да имате помало изложување – послучајно изложување – и потоа сепак да се заразите“, вели д-р Рејни.
Што се случува во С. Македонија?
Британската варијанта била прв пат откриена во С.Македонија во Јануари, 2021 кај 46-годишен маж кој иницијално направил брз тест на 29ти декември, 2020. На 27ми јануари, 2021 министерот за здравство Венко Филипче изјави дека британската варијанта е присутна во С.Македонија и дека таа е позаразна, но дека изгледа дека е со полесни симптоми. За сега, не е до крај јасно дали симптомите на новата варијанта со полесни или потешки – резултатите од новата студија објавена во научното списание Лансет „покажуваат дека кај заразените со вирусот Б.1.1.7. не е потврден поголем ризик од сериозна клиничка слика и смрт отколку кај другите видови.“
Сепак, многумина го критикуваа министерот Филипче што немаше дополнителни мерки за време на есента и зимата иако имаше зголемен број на Ковид инфекции како и присутност на Б.1.1.7 варијантата на вирусот. За разлика од С.Македонија, многу држави низ Европа, како на пример Германија, имаа построги локдауни кои траеја со месеци. С.Македонија достигна рекорден број на смртни случаи од Ковид-19 за време на овој бран на Ковид пандемијата со дури 51 мртви Ковид пациенти на 7ми април, 2021.
Со воведувањето на новите привремени рестриктивни и превентивни мерки од 7ми до 20ти април, веќе се забележува значително намалување на нови Ковид случаи. Прашање е колку животи ќе беа спасени ако овие мерки почнеа порано и траеја подолго.
Но добрите вести се дека има начини да се спречат овие нови инфекции и смртни случаи со две техники: рестриктивни мерки/социјално дистанцирање и вакцинација.
„И покрај тоа што [Б.1.1.7] е попренослив, секој податок што го имаме поддржува дека сепак можеме да го запреме со користење на истите техники што ги користевме до сега за други варијанти“, рече д-р Рејни. “Значи, сè уште станува збор носење за маски и физичко растојание и вентилација и вакцини. И нашите сегашни вакцини – и ова е навистина клучно – сегашните вакцини работат навистина добро против Б.1.1.7”.
Со почнување на вакцинацискиот процес во С.Македонија, ќе видиме калку овој сој на Ковид-19 би бил потенцијално намален.
Елена Гаговска