По укажувањата за претстоен ракетен тест, САД го заострија тонот кон Северна Кореја. Вашингтон истакнува дека е подготвен за какви било потези кои би можел да ги преземе севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун.
Американскиот министер за одбрана, Чак Хејгел изјави дека Северна Кореја се наоѓа близу до „црвената линија“, јавува Дојче Веле.
„Северна Кореја со својата реторика и агресивни дејства се доближува многу брзо до опасната линија. Нивните акции и изјави не помагаат да се намалат тензиите од ситуацијата која е критична“, изјави Хејгел.
Според него, САД се во состојба да ги заштитат своите граѓани и жителите на државите сојузници ако „Пјонгјанг преземе какви било акции“.
Според проценките на јужнокорејската војска, Северна Кореја се подготвува можеби за истовремено испалување на повеќе ракети. Пјонгјанг по должината на Источниот брег имаат поставено повеќе мобилни стартни ракетни рампи. Сеул како многу веројатна ја оценува можноста да биде испалена ракета со среден дострел.