САД го повтори ставот дека стои зад договорот со Јапонија околу нивниот спор со Кина за група на острови. Договорот помеѓу Вашингтон и Токио е стар неколку децении, изјави Обама.
Сепак американскиот претседател, кој го презентираше ставот покрај јапонскиот премиер Шинзо Абе, не даде објаснение на кој начин Америка ќе се инволвира во тензиите за островите.
Се работи за група острови кои се мали и не се населени. Но долготрајниот спор за нив, деновиве предизвикува тензии помеѓу Пекинг и Токио.
Областа околу нив, во морето помеѓу Тајван и Окинава, се верува дека е богато со нафта. Сенкаку е под раководство на Јапонија, но Кинезите тврдат дека тие се вистинските сопственици. Можноста за војна поради островите ја засега и САД, кои велат, нивна обврска е да го штитат договорот со Јапонија.
– Ова не е некоја нова позиција, ова е постојана. Членот пет ги вклучува сите територии под јапонска администрација, а Сенкаку е дел од него, рече Обама.
Сепак, тој побара мирно решение, и дијалог за спорот, бидејќи според него, одлучноста на САД да ја одбрани Јапонија потекнува од историјата и не го класифицира тоа како „заземање страна“.

