Мирен марш се одржа денеска во Скопје за да се подигне свеста во јавноста за проблемите со кои се соочуваат самохраните и еднородителските семејства.
Претставници на организацијата „Една може“, кои го организираат маршот, велат дека целта на собирот е да се прикаже сликата на самохраните и еднородителските семејства пред целата македонска јавност.
Велат дека се залагаат за заштита и унапредување на родовата еднаквост и женските права.
Тие бараат да се дефинираат термините самохран родител и еднородителско семејство, допрецизирање на постојаните права и нивно реформулирање, помагање на самохраните мајки за решавање на станбеното прашање, создавање механизми за квалитетно вработување на самохраните мајки, како и анализа и преобмислување на системот на социјални и парични бенефиции.