Според првите резултати на излезните анкети на Институтот „Пипос“ од Приштина, победник на вонредните избори во Косово е движењето Самоопределување (ПС) на Албин Курти, кое добило 41,8 проценти од гласовите, пренесува српската агенција Бета.
Во резултатите од излезните анкети презентирани на ТВ Клан, Демократската партија на Косово (ДПК) е на второ место со 16,5 проценти, а Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) е на трето место со 15,2 проценти. Сојузот за иднината на Косово (АБК) е на четвртото место со 7,2 проценти, додека Социјалдемократската иницијатива (СДИК) не го помина изборниот праг од 5 проценти, бидејќи има 2,6 проценти гласови.
Малцинските партии освоија 16,7 проценти од гласовите.
И според резултатите од излезните анкети на институтот Albanian post, кои беа презентирани на приштинската телевизија Канал 10, победник на изборите е движењето Самоопределување, кое добило 53 проценти од гласовите и со тоа обезбедило 56 места во косовскиот парламент.
На второ место е ДПК со 20 проценти од гласовите, или 21 место, додека на третото место е ЛДК со 17 проценти и 17 пратеници. Сојузот за иднината на Косово е на четвртото место со седум проценти и шест места, додека Социјалдемократската иницијатива не го помина изборниот праг од пет проценти, бидејќи има два процента гласови.
Портпарол на Централната изборна комисија рече дека процесот го следат околу 30.000 акредитирани набудувачи. Гласањето се одвиваше само со лична карта од Косово. Според последните податоци на Централната изборна комисија, а врз основа на 99,86 проценти од обработените гласови, вкупниот одѕив на денешните парламентарни избори во Косово е 47,08 проценти. Од вкупно 1.794.862 граѓани кои имаа право на глас, своето право го искористиле 843.862 гласачи.