Стефано Санино, директор на директоратот за проширување на ЕК е во Скопје, потврдија за НОВА дипломатски извори. Неговата задача е да се обиде да помогне власта и опозицијата да постигнат компромис за излез од кризата.
Решавањето на актуелната политичка криза е клучен за успех на пролетниот извештај на ЕК кој ќе биде објавен во април. Постојат можности да се дојде до посакуваниот компромис, велат дипломатските извори на НОВА коментирајќи ги тврдите позиции на власта и опозицијата изразени во нивните јавни настапи во текот на денешиот ден.
Во оптек се повеќе идеи за излез од кризата. Опозицијата е подготвена да ја прифати инцијативата на претседателот Иванов за формирање на независна комисија која ќе ги истражи инцидентите но во пакет со договор за датум за организирање на предвремени парламентарни избори.
Нивното барање е тие да бидат на 13 септември. Владеачката партија засега одбива да прифати договор за предвремени избори иако има сигнали дека за нив прифатливо било евентуално на парламентарни да се оди заедно со претседателски во 2014. Санино за време на неговата мисија ќе се обиде да помогне да се доближат позициите во временска рамка која би била прифатена од двете страни.
Ангажманот, конструктивноста и вољата на двете страни да се дојде до решение за излез од кризата ќе биде клучниот критериум според кој ќе се оценат демократските перформанси на државата во пролетниот извештај на ЕК.