СДСМ реагираше на, како што наведуваат, контрадикторните тврдења и наративи на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја партијата дека „си поигрува со интелигенцијата на граѓаните“ и пласира лажни информации во јавноста.
Во соопштението до медиумите, од СДСМ прашуваат дали во ВМРО-ДПМНЕ, како што велат, „се нормални“, обвинувајќи дека партијата постојано ја менува приказната околу наводни патувања и имот, со што, според нив, ја дезинформира јавноста.
Прво беше златна виза од половина милион долари. Потоа стана виза од половина милијарда евра. Па секој ден Дубаи, зграда од 42 ката, Венеција, прослави со Харис Џиновиќ. Сега, Сент Мориц, наведуваат од СДСМ, оценувајќи дека ваквите тврдења личат на „играње географија“, а не на сериозна политичка комуникација.
Од партијата тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребува државната безбедносна структура, посочувајќи дека, доколку веќе, како што велат, ги следат политичките противници, требало да објават и конкретни докази.
Кога веќе граѓаните ги плаќаат безбедносните служби, кои вие ги злоупотребувате за да го следите претседателот на СДСМ, зошто не објавивте слики од Дубаи? Или ве фативме во нови лаги, па ја сменивте плочата, се наведува во реакцијата.
СДСМ во соопштението порачува дека граѓаните не се наивни и дека, според нив, јасно гледаат што се случува, додавајќи дека ваквите лажни вести нема да ја спасат ВМРО-ДПМНЕ од одговорност.
Само вие произведувате лажни вести во вашата кујна, но наскоро ќе се готви и во обвинителството, кога ќе се ослободи од вашите канџи, напишаа од СДСМ, порачувајќи дека, народот повторно ќе ја земе власта во свои раце и дека ќе има одговорност.




