Според најновите податоци од Министерството за финансии, во месец октомври, владата на ВМРО – ДПМНЕ, креирала буџетски дефицит од нови 22 милиона евра, реагира со соопштение опозиционата СДСМ.
Со тоа Владата до октомври остварила вкупен буџетски дефицит од цели 279 милиони евра. Тоа е скоро 100% од планираниот дефицит со буџетот за 2013 или 90% од буџетскиот дефицит планиран со ребалансот од пред десетина дена.
СДСМ алармира дека овој тренд ќе продолжи во наредните два месеца и очекуваме дека годината ќе заврши со дефицит од цели 335 милиони евра или 4,2% од БДП.
„Од друга страна, она што е уште пострашно, иако се поминати 10 месеци од годината, и при ваков висок дефицит, владата реализирала само 65% од планираните капитални расходи. До крајот на годината владата не може да ја промени оваа состојба драматично и според проценките, 2013 година ќе ја завршиме со капитални расходи од околу 250 милиони евра“, велат во СДСМ.
Според нив тоа ќе бидат најниските капитални инвестиции во последните 5 години во апсолутен износ. Како процент од БДП тие ќе изнесуваат бедни 3,2%.