СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во кавга за пресудата на Бошковски
Пресудата со која Љубе Бошковски е осуден на 12 години затвор е „потврда дека не постои правна држава и независно судство“.
Според портпаролот на партијата Петре Шилегов, пресудата на Бошкоски е пресметка на власта со политичките неистомисленици и противници.
Тој го повика Апелацискиот суд во Скопје, при одлучувањето по жалбите, да се води по законските прописи, а не по, како што наведе, политичките диктати.
На овој коментар од СДСМ со реакција се јавија од владеачката ВМРО ДПМНЕ.
„Ако некој е висок функционер на СДСМ или нивен коалициски партнер, не значи дека треба да биде ослободен од примена на законот, посебно кога таквите лица се извршители на тешки кривични дела. Не е можно од една страна законот да важи за сите граѓани, а од друга страна да не важи за избраните функционери на СДСМ и нивната коалиција. Двојниот стандард кои СДСМ го применува во ваквите случаи се гледа и од примерот на Владо Бучковски. Додека тој беше висок функционер на СДСМ, СДСМ организираше протести и судири со полицијата пред Основниот суд во Скопје, но денес кога Бучковски делува надвор од СДСМ, при носењето на пресудата за неговиот случај, СДСМ ниту се појави, ниту изреагира“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.