Владата на Република Македонија се фали дека од 2006 година досега доделила 500 милиони евра субвенции во земјоделството. Но, оваа влада, преку политиката на субвенционирање, македонскиот земјоделец го претвори во сигурен гласач и во зависник од субвенции, кој преживува од година во година, изјави пред новинарите Татијана Прентовиќ, член на Извршен одбор на СДСМ.
Поткрепено со официјални податоци од владини институции, СДСМ укажува на следното:
– Учеството на земјоделството во вкупниот Бруто Домашниот Производ е намалено. Во 2005 година изнесувал 12,8% а во 2011 – 9,7%. Вкупната земјоделска површина е намалена за 50 000 хектари. Површините под ораници се намалени за 120 000 хектари, што вкупно изнесува 170 000 хектари помалку;
– И покрај распределбата на средства за субвенции и рурален развој од 2011 година, тие се уште не се целосно исплатени. Прашуваме, колку од овие пари се исплатени а каде се парите што не се исплатени? Бараме вистински податоци а не податоци на хартија, бидејќи сметаме дека податоците намерно се кријат.
– Бројот на вработени во земјоделството со цело или скратено работно време е незначително зголемен. Од 108.000 во 2007 на 121 илјада во 2011.
Зошто интересот за вработување во земјоделството не е значајно зголемен и покрај големите вложувања на оваа влада во овој сектор?, прашува СДСМ.
– Македонската трговска размена со земјоделско-прехранбени и рибни производи за периодот 2007-2011 е негативна. Македонија постојано го зголемува увозот на храна од 115 милиони евра во 2007, на 152 милиони евра во 2011 година, што покажува дека повеќе увезува одколку што извезува.
– Македонската трговска размена со земјите од ЕУ за периодот 2007-2011 е исто така негативна. Тоа значи дека Македонија и во оваа размена повеќе увезува отколку што извезува и постојано го зголемува увозот на храна од 11 милиони евра во 2007, на 97 милиони евра во 2011 година.
До кога Македонија ќе го зголемува увозот и ќе биде неконкурентна за извоз? До кога ќе бележи негативен трговски биланс?
„Сите овие податоци покажуваат дека популарните 500 милиони евра за субвенции оваа влада не ги додели во целост, а и оние што ги додели, ги потроши како награда за едни или како социјална помош за други“, рече Татијана Прентовиќ, член на Извршен одбор на СДСМ. .
Мерките од програмата на СДСМ кои ќе ги промовираме наскоро ќе опфатат сосема нова политичка програма за субвенционирање на вистинското земјоделство.
СДСМ ќе продолжи со доделувањето на субвенциите, но тоа ќе го правиме плански, навремено и во целост, во функција на развој на земјоделството.